„ Претседателот Трајковски беше член и пастор на Методистичката црква на Македонија, и неуморен поборник за верска толеранција, верски слободи и решавање на конфликти. Тој беше човек со силна вера, која го упати да го води процесот на помирување низ неговиот дел од светот. При неговата инаугурација во 1999 година, претседателот Трајковски вети дека ќе биде претседател на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност, или политички позиции и нема да дозволи етничката омраза и нетолерантноста да ја поткопаат стабилноста на Македонија. Како заменик министер за надворешни работи, тој ги поддржа напорите на САД и НАТО против Србија, и овозможи силите на НАТО да се распоредат во Македонија при што Македонија прими 400.000 косовски бегалци. Претседателот Трајковски ја покажа неговата посветеноста да работи со сите етнички групи во Македонија, што помогна да се одбегне граѓанска војна. Работеше да го обезбеди мирот и да ја интегрира Македонија во меѓународната заедница, пишува во пораката која што конгесменката Кендис Милер ја достави во Американскиот конгрес, во изјавата по повод од 10 годишнината на македонскиот претседател.
Во пораката се додава дека, како знак на бладораност до претседателот Трајковски, претседателот Џорџ В. Буш и државниот секретар Колин Пауел ја признаа Македонија под уставното име во ноември 2004 година.
Во Македонија и во Босна и Херцеговина денеска ќе бидат одбележани десет години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.