Честитки од „Вреди“ и Изет Меџити за Денот на независноста

Вицепремиерот и министер за животна средина порача „новата Влада е посветена на подобрување на животниот стандард“ и повика на градење посветла иднина за сите

Коалицијата „Вреди“, пак, во посебно обраќање до медиумите, во честитката потсетија и на историската должноста која ја има актуелната генерација на граѓани и политичари, како борбата против корупцијата и реформите. Но, потенцираат и дека повторно се отвораат прашања за употреба на мајчиниот јазик на Албанците, алудирајќи на предметот за Законот за употреба на јазиците по кој во моментов постапува Уставниот суд

„Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија!“, порачаа денеска од коалицијата „Вреди“, вториот по големина партнер во Владата. Во соопштението до јавноста ги повикаа сите граѓани и политички чинители да го негуваат духот на единство, толеранција и соработка. Само така, велат од „Вреди“, може да се обезбеди светла иднина за сите граѓани.

Лидерите на четирите опозициски партии на Албанците кои се дел од коалицијата „Вреди“ / Фото: Архива

„Нашата генерација има историска должност да се справи со ендемичната политичка корупција и да преземе решителни чекори кон реформи кои ќе ги вратат капацитетите на уништените државни институции.
Само преку транспарентност, одговорност и посветеност кон заедничкото добро, ќе можеме да обезбедиме иднина што ќе биде светла за сите наши граѓани, без разлика на етничката припадност. На овој важен ден, Коалицијата ВЛЕН ги повикува сите граѓани и политички чинители да го негуваат духот на единство, толеранција и соработка. Само така ќе продолжиме да го градиме општеството што го заслужуваме – општество на еднакви права, можности и стабилност. Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста на Република
Северна Македонија!“,

соопштија од „Вреди“.

Но, изјавувајќи дека денот го гледаат како симбол на нашата одлучност и стремеж за демократија, од владејачкиот коалициски партнер со жалење констатираат дека повторно се отвораат теми кои не би требало да се оспоруваат. Иако не е децидно напишано, јасно е дека пораката се однесува на претставката за Законот за употреба на јазиците која е поднесена одамна, но дури сега Уставниот суд ќе одлучува.

„На денот кога ја одбележуваме 33-годишнината од независноста на нашата заедничка Република Северна Македонија, Коалицијата ВЛЕН им упатува честитки на сите граѓани. Овој ден е симбол на нашата одлучност и
стремеж кон демократија, слобода и просперитет. И по 33 години од независноста и 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, за жал, сè уште отвораме прашања за употребата на мајчиниот јазик на Албанците, што во 21 век е цивилизациски дострел и демократска придобивка која не смее да се оспорува“,

соопштија од „Вреди“.

Иако денот го честиташе коалицијата, еден од лидерите на „Вреди“, претседателот на Демократското движење и вицепремиер и министер во Владата, Изет Меџити, имаше и поединечно обраќање. На Фејсбук тој порача:

Изет Меџити, претседател на Демократско движење, вицепремиер и министер за животна средина во Владата на РСМ

„Честит 8 Септември – Денот на независноста!

На овој посебен ден им честитам на сите граѓани на Република Северна Македонија по повод 8 Септември, Денот на независноста. Со непоколеблива посветеност, новата влада е посветена на подобрување на животниот стандард, зголемување на благосостојбата и унапредување на земјата кон членство во Европската Унија. Да продолжиме да градиме посветла иднина за сите!“,

порача Меџити.

- Реклама -