Центар за македонски јазик во Лерин: Борбата продолжува, ќе ја обжалиме одлуката на Апелацискиот во Кожани во Врховниот суд во Грција, а потоа и во Стразбур

Активистите од Центарот за македонски јазик во Лерин се категорични во својата намера да ја продолжат борбата за Центарот за македонски јазик во Лерин во соседна Грција.

Во разговор за Рацин.мк тие велат дека борбата продолжува и дека ќе ја обжалат одлуката на Апелацискиот суд во Кожани во Врховниот суд во Грција, а потоа и во Стразбур, во Судот за човекови права.

Од таму уште потсетуваат дека тие веќе ги поминале овие патишта во заложбите да ја добијат дозволата за легитимно работење на Центарот за македонски јазик, како и во борбата за Домот на културата и од тие свои цели не се откажуваат.

Сето ова доаѓа откако Апелацискиот суд во Кожани ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик откако судот во Лерин, на 27 јули 2022 година, ја донесе, а потоа на 16 март 2023, ја потрвди законитоста на регистрацијата на центарот како невладина организација.

Центарот за македонски јазик започна со онлајн курсеви по македонски јазик, а со својот статут најави дека ќе се залага за зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик во Грција и ќе бараподдршка на воведувањето на македонскиот јазик како изборен предмет во државните училишта и универзитети во Грција.

Во информацијата за одлуката на Апелацискиот суд во Кожани објавена на националитичкиот портал demokratia.gr, јасно стои дека поништувањето на решението за регистрација на ЦМЈ е резултат на иницијативата на дури 16 екстремни националистички партии и здруженија кои не можеа да се помират со регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин и ја припишуваат како последица на Преспанскиот договор.

- Реклама -