„Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец премиерно на отворената сцена Филмскиот фестивал во Сараево

Долгометражниот игран филм на Димитар Оровчанец, „Убиј ги прво децата“, ќе има светска премиера на отворената сцена на летното кино во стариот град на 30 тото издание Филмскиот Фестивал во Сараево, кој се одржува годинава од 16 до 23 август.

Филмот на Оровчанец ќе биде прикажан во Open Air програмата, во која не се доделуваат награди и во која ревијално ќе се прикажат 15 филмови, меѓу кои и новиот филм на босанскиот оскаровец Данис Тановиќ, како и на Рајко Грлиќ, Срѓан Вулетиќ, Емир Капетановиќ и други.

„Убиј ги прво децата“ во продукција на „Трис филмс“. Играат Миа Жиро, Стефан Спасов, Мартин Ѓоргоски, Адриан Азири, Александар Ѓоргиески, Стефан Вујисиќ и други. Камерата е на  Владимир Самоиловски, монтажата е на Софија Самоиловска, а музиката на Игор Василев-Новоградска.

Режисерот Оровчанец за филмот вели дека е акциона комедија, приказна за тројца тинејџери, една надмена балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот луциден најдобар другар со украден пиштол, кои во едно деноноќие заглавуваат во најтемните лавиринти на криминалното подземје поради погрешно земен телефон, кој содржи компромитирачко видео.

- Реклама -