Со доаѓањето на печалбарите се создаваат гужви низ улиците, СВР Тетово со апели до возачите

Со почетокот на јули, во поширокиот Полошки регион, се забележува зголемен интензитет на враќање на иселениците кои живеат и работат во странство, додека во втората половина од овој и почетокот на идниот месец се очекува нивниот број уште повеќе ќе се зголемува. СВР Тетово потенцира дека редовно се преземаат сите мерки и засилени активности за да се овозможи нормално и непречено одвивање на сообраќајот низ централните подрачја на градовите Тетово и Гостивар, а посебно околу превенирањето и санкционирањето на погрешното и непрописното паркирање на возилата.

„Во соработка со локалните самоуправи веќе се отворени дворовите на неколку основни и средни училишта во централните градски подрачја за да се овозможи паркирање на возилата и да се избегне двојното, односно паралелно паркирање, како и паркирање во зона на раскрсници, на тротоари, пешачки премини и слично. Возилата што го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот ќе бидат подигнати до општинските „пајак“ служби кои ќе бидат интензивирани активности  и со подолго работно време.“, стои во полициското соопштение.
Над 2.500 мерки се изречени во минатите шест месеци во однос на непрописно и погрешно паркирање на возила, а со „пајак служба“ биле подигнати над 1.000 возила кои директно го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот, додека за прекршителите се издадени соодветни платни налози и тие ќе се соочат со парични казни предвидени со закон.
Секторот за внатрешни работи Тетово, апелира до возачите да ги почитуваат правилата и законските прописи во сообраќајот за да се избегнат сериозни последици и застој во сообраќајот, да бидат свесни, да не ги паркираат нивните возила кај што ќе стигнат и да придонесат за нивната безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Извор