„Вината е во нас. Вината е во отсуството на потрага по консензус кога морало да постои, мислам на прифаќањето на Преговарачката рамка. Тогаш, да бидам искрена, опозицијата беше целосно маргинализирана. Јасно ни е дека нашиот претседател, нашиот премиер ја прифатиле Преговарачката рамка таква каква што е, меѓутоа суштински тие немале легитимитет да го сторат тоа бидејќи јасно е дека немало консензус. Затоа реков дека еден од најумните потези беше кога премиерот ја отфрли. Последиците сега ги трпиме оти сите велат, вие ја прифативте Преговарачката рамка. Не смее оваа власт да го прави истото“, рече претседателката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е оптимист дека работите може да се придвижат во скоро време и земјава да ги почне преговорите со Европската Унија. Според неа, излезното, соломонско решение за спорот со Бугарија е решението за уставни измени со одложено дејство. За ваквото решение, како што рече таа вечерва во интервју за МРТ 1, разговарала и со бугарскиот претседател Румен Радев, но и со сите други претставници на земји од ЕУ, како и други земји пријатели и поддржувачи, кај кои наишла на разбирање.
„Не можам да не кажам дека и покрај инцидентот со знамето, и во Софија со бугарскиот претседател Радев имавме плодни разговори, меѓутоа повеќе од еден час разговаравме и во Баку. Заклучокот е дека самопочитта раѓа и почит, тоа е мојот прв заклучок. Се разбира дека во разговорите ние секогаш си ги одмеруваме зборовите и овојпат беше така. Соопштенијата се дипломатски, иако нашето беше подипломатско, но јас сакам да ги информирам граѓаните дека од прва рака му го објаснив нашиот став на Радев за кој што има консензус меѓу Владата и мене. Реков дека е најдбро јас да му го соопштам тоа што им го соопштувам и на останатите претставници и ЕУ и останатите земји, наши пријатели… бидејќи тоа е решението за кое мислам дека е многу разумно, добронамерно, решението со одложено дејство“,
рече претседателката во интервјуто.
Таа посочи дека од бугарскиот колега немало коментар и нагласи дека ја разбира состојбата во Бугарија, неможноста за формирање влада и за институционализирање на дијалогот меѓу Владите, односно македонското и бугарското МНР. Но, како што рече, мисли дека Радев ќе се обиде да ги разбере и нашите позиции кои се најдобронамерни.
„Ние не смееме да го изгубиме легитимитетот, ние не ги мамевме граѓаните. Напротив и нашиот легитимитет извира од нив. Јас сум должна да го бранам националниот интерес, но, не со скандали, не со навреди, туку со почит“,
рече Сиљановска-Давкова додавајќи дека и културната дипломатија дава големи резултати.
На прашањето дали може да се говори за некакви временски рамки за надминување на спорот, со оглед на тоа што и премиерот Христијан Мицкоски по нејзината средба со бугарскиот претседател рекол дека до крајот на годинава ќе може и ние да продолжиме со нашиот процес за евроинтеграции на достинствен начин, македонската претседателка рече дека и таа го очекува истото.
„Очекувам и јас да се случи истото. Очекувањата не ми се фиктивни, тие се темелат на нашите раговори во Њујорк. Нашето излезно решение, соломонско решение јас го соопштив и во Њујорк на средбите со многу видни политичари. Мислам дека ме разбраа и мислам дека сега е на ред ЕУ, а господинот Радев постојано се повикува на ЕУ и го квалификува проблемот, не како билатерален, туку мултилатарален, дека треба да дојде до крајот на годината. Јас верувам во сериозноста на таквите ветувања. И нашата позиција и мојата позиција ја соопштив и на средбата со белгискиот премиер, но и во средбите со сите останати, особено оние од Вишеградската група и сите оние кои ни помагаат. Од сите нив чув дека, да вие сторивте многу, го сторивте и неможното. Дури и сега нудите компромис“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа смета дека за понуденото решение мора да има општ консензус во државата, за да не се случи нешто како она кога минатата власт прифатила договор и француски предлог без вклученост и согласност на тогашната опозиција.
„Вината е во нас. Вината е во отсуството на потрага по консензус кога морало да постои, мислам на прифаќањето на Преговарачката рамка. Тогаш, да бидам искрена, опозицијата беше целосно маргинализирана. Јасно ни е дека нашиот претседател, нашиот премиер ја прифатиле Преговарачката рамка таква каква што е, меѓутоа суштински тие немале легитимитет да го сторат тоа бидејќи јасно е дека немало консензус. Затоа реков дека еден од најумните потези беше кога премиерот ја отфрли. Последиците сега ги трпиме оти сите велат, вие ја прифативте Преговарачката рамка. Не смее оваа власт да го прави истото. Не се оди надвор ако не можете да се повикате на консензус, тогаш сте вие како преговарач послаби. Мислам дека во случајов нешто што предлагаме ние е не само реално, туку дека е и разумно, дека е исто така и логично и дека треба да бидеме конечно разбрани не заради нас, туку заради граѓаните кои се уморни од празни ветувања“,
рече претседателката на државата.
Таа додаде дека Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија ќе продолжи да работи по промената на составот на македонскиот тим бидејќи таа е дел од Договорот за добрососедство и пријателство, но смета дека не може да има наука под капа на политиката.