Силно невреме и во Албанија: Улиците во Тирана се под вода, во Валона евакуирани 22 семејства

Големите поплави и лизгање на земјиштето во Валона принудија 22 семејства на евакуација

Невреме, проследено до обилни и интензивни врнежи, силен ветер и грмотевици, вечерва ја зафати Албанија.

Во Тирана, Валона, Леже и неколку други градови улиците се под вода чија висина е до 50 сантиметри.

Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај на својот фејсбук-профил вели дека тимовите за итни случаи работат на нормализирање на ситуација во градот.

„Веќе неколку часа нашите тимови се на теренот, работат на нормализирање на ситуацијата. Поројните дождови донесоа кршење и паѓање на некои дрвја, но благодарение на напорната работа тимовите за итни случаи, секој пат и секоја област се држат под контрола. Блиску сме до секој граѓанин на кој му е потребна помош. За какви било проблеми пријавете на апликацијата ‘Моја Тирана’ или јавете се на 112“,

пишува Велиај.

Поради невремето приморскиот град Валона е без електрична енергија, како и други делови во земјата. 

Поради големите бранови забрането е испловување на сите видови пловни објекти долж целото крајбрежје.

Големите поплави и лизгање на земјиштето во овој град принудија 22 семејства на евакуација, пренесуваат албанските медиуми.

Градоначалникот на Валона, Ермал Дреда изјави дека ситуацијата е под контрола и три лица се спасени откако службите добиле повик.

„Досега евакуиравме 22 семејства. Ќе им ги ставиме на располагање студентските домови на поранешното медицинско училиште. Ќе ги испратиме сите евакуирани таму. За било каков проблем обратете се на итните броеви“,

вели Дреда.

Полицијата и Агенцијата за државни патишта апелираат на посебна внимателност по патиштата, пред се во планинските подрачја поради одрони.

Посебна внимателност, со строго почитување на патната сигнализација, се препорачува и на автопатот што води до албанско-македонската граница кај Дебар.

Лошото време се очекува да се задржи до полноќ, а подобрување ќе има во текот на утрешниот ден, додека од недела се очекува врнежите да продолжат.

- Реклама -