Седмо издание на „Beach Film Festival“ во Охрид

Седмото издание на „Beach Film Festival“, фестивалот на нов европски филм започнува денес во Охрид и ќе трае до 21 јули. Овогодинешното издание на фестивалот ќе се одржува на четири локации во Охрид и тоа на плажата Славија, бродот Армада, плажата Сараиште и Младинскиот Центар Охрид. Фестивалот на филмови под ѕвездите и годинава нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси

Фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на филмот „Forever hold your peace“, а во главната програма ќе бидат прикажани уште шест долгометражни европски филмови: „Rodeo“, „Summer to come“, „Afire“, „Milk“, „Some birds“ и „Pelican“.

Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови. Од домашната продукција ќе бидат прикажани филмовите на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов. Најавени се и настапи на бендовите „Sioto Jazz“ и „Xarakiri“, диџејот „MarТian“, диџејките „Baila“ и музичкото дуо „SIZ“.

„Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и посебно ја привлекува младата публика која го одбира Охрид за летен одмор, целно во периодот додека трае фестивалот. Поради тие причини оваа година фестивалот се збогати со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 – 21 јули со почеток од 20.00ч. ќе има проекции на детски филмови и влезот на истите е бесплатен“, најавуваат организаторите.

Beach Film Festival е од големо значење како културен настан во државата бидејќи привлекува млада публика на возраст од 18-35 години, за која велат дека е исклучително тешко во денешно време да биде анимирана и ангажирана да проследи европски кинематографски остварувања, во време кога на сите платформи се промовираат новите холивудски блокбастери.

„Поттикнувајќи ја филмската писменост, фестивалот служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и разгорувањето на страста за раскажување приказни. Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер, филмски ентузијаст, или едноставно поединец кој сака да го истражи богатството на европската кинематографија, овој фестивал е правата дестинација за ова лето“, велат од БФФ.

Во прилог е програмата на фестивалот

- Реклама -