Почнува осмото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short“


Под мотото „Бесконечна слобода“ денеска во Струга почнува осмото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short 2024“.

Програмата, како што соопшти организаторот, ќе биде распределена во четири фестивалски денови, во кои се најавени филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од Europe House Struga и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, а во селекција на режисерот Иван Бакрач.

Според најавата, и годинава нема да изостане промоцијата на македонски филмови, како и едукативниот дел од фестивалот.

– Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата „MK Special“, чиј победник го избира публиката. Фестивалот продолжува со VR програмата, каде ќе се прикажат кратки филмови во специфичен формат, стои
во најавата.

Во едукативниот дел, додаваат, предвидени се два мастеркласови и една дискусија за филм на тема „Соочување со минатото” во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот.

Музичката програма, како што е најавено, ќе се фокусира на домашни изведувачи. Фестивалот ќе го отвори групата Фолтин со целовечерен концерт, а завесата ќе биде спуштена со настап на групата „Искра“, која со себе носи информации од иднината. 

- Реклама -