Од секои 100 лица заразени со голема кашлица, 63 не се вакцинирани

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, само во последнава недела има 25 новозаразени од опасната заразна болест, што е за речиси 50% повеќе од неделата претходно

Најголем дел од новозаразените, вкупно осум, се деца помлади од една година

Главниот град Скопје и натаму води на листата на новозаразени од голема кашлица, заразна болест која до скоро беше речиси искоренета во земјава и во регионот. Од народски наречената магарешка кашлица, во периодот од 30 август до 5 септември, регистрирани се вкупно 25 новозаболени. Според местото на живеење, 14 се од Скопје, 5 се од Тетово, 3 од Кратово, 2 од Куманово и еден од Крива Паланка.

Од новите случаи, вкупно 5 лица, односно 20% се хоспитализирани.

Што е голема кашлица и зошто е опасна?

Голема кашлица (пертусис) е акутно, заразно респираторно заболување кое се карактеризира со напади на кашлица, а го предизвикува бактеријата Bordetella pertussis. Ова е описот на болеста на интернет-страницата на Институтот за јавно здравје.

Дури откако ќе се прочитаат можните компликации, станува јасно за каква кашлица всушност станува збор:

„Компликации на голема кашлица се: пневмонија, воспаление на средното уво, губење на апетит, дехидратација, конвулзии, оштетување на мозокот, хернии, фрактури во пределот на градниот кош, пролапс на крајот на дебелото црево, епизоди на респираторен застој“,

пишува на интернет-страница на Институтот за јавно здравје.

А најголеми шанси од компликации имаат најмалите, децата под една година. Статистиката покажува – секое трето дете до една година заразено од голема кашлица ќе заврши во болница. Компликациите вклучуваат и смртен исход.

„Големата кашлица предизвикува сериозни компликации, а понекогаш и смртен исход кај децата помали од една година. Една третина од децата помали од една година кои ќе се разболат од голема кашлица имаат потреба од болничко лекување. Кај нив, најчести компликации се апнеа (живото-загрозувачки престанок на дишење), пневмонија (воспаление на белите дробови), конвулзии (грчеви), енцефалопатија (оштетување на мозокот), а кај едно од 100 заболени може да има смртен исход.

Компликациите се помалку сериозни кај поголемите деца и возрасните, особено кај оние кои претходно биле вакцинирани против голема кашлица“,

пишува на интернет страницата на Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од болните не се вакцинирани

Освен неделните статистики, од Институтот за јавно здравје објавуваат и збирни податоци за сите досега регистрирани случаи. Еден од „најинтересните“ податоци секако е – каков е вакциналниот статус на болните?

Од ИЈЗ избројале дека досега се регистрирани 1 074 заразени. Од нив, 678 лица или 63,1% биле невакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно возраста.

Ако се погледне дистибуцијата на болеста по возрасни групи и вакцинален статус, видливо е дека вакцина не е 100% заштита против болеста дури и кај комплетно вакцинираните, но тоа пред сѐ се однесува на оние постари од 10 години. Тоа е донекаде и разбирливо ако се знае дека, според актуелниот национален календар за вакцинација, последната ревакцина против пертутис се прима на 7-годишна возраст и за разлика од други заразни болести, дури и заболувањето од голема кашлица не значи доживотен имунитет.

Но, за групата за која болеста е најопасна, децата под една година, вакцината очигледно игра клучна улога. Бројот на регистрирани болни деца кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани за возраста изнесува околу 75%.

Така, не зачудува што од вкупниот број хоспитализирани лица (159), дури 137 (86,2%) биле деца помали од четири години. Добра околност е што 158 лица се испишани од болница.

Лов на невакцинирани

Северна Македонија не е никаков исклучок ниту во регионот, па дури и во Европа кога станува збор за големата кашлица. Епидемии имаше и во развиени земји како Холандија, каде што имаше и смртни случаи меѓу невакцинирани бебиња.

Причината секаде е иста. Младите родители или не водат доволно сметка или се противат на вакцинацијата.

За да се спречи евентуално поголема епидемија, ИЈЗ веќе подолго време е во „лов“ на невакцинирани. Од почетокот на годинава досега, во соработка со епидемиолошките служби од Центрите за јавно здравје, се врши интензивно барање на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица. Најдени се околу 29 000 лица низ земјата кои или не биле вакцинирани или пропуштиле некоја ревакцинација. Најголемиот дел од нив се од Скопје.

„Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација беше утврдено дека се пронајдени 21 970 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 15 333 (69,8%). Од вакцинираните, најголем број примиле прва ревакцина (7 236; 47,2%).

Од доставените податоци од Центрите за јавно здравје, пронајдени се 10 175 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 7 004 (68,8%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (3 170; 45,3%)“

пишуваат од ИЈЗ во неделниот извештај за состојбата со големата кашлица.

Што понатаму?

Препораките на ИЈЗ се многу едноставни. Треба да се зголеми опфатот на вакцинација на барем 95% и на локално и на регионално ниво. На тој начин, се создава колективен имунитет.

Не е дека и тогаш болеста ќе биде целосно искоренета. Во последниве дваесет години во земјата имало случаи на голема кашлица, но годишниот просек изнувал по шест случаи. Годинава веќе се над илјада со тенденција на раст, доколку не се зголеми процентот на целосно вакцинирани деца.

- Реклама -