Пишува: Весна Костовска
Обидувајќи се да не реагирам однапред со субјективен отпор кон случувањата откако се смени власта, не се истрчувам. Чекам. Така, и со оваа лефтерна изјава на Министерката за образование и наука, дека странските јазици пред сè се учат преку телевизиски серии, чисто за вербална комуникација, а другото небитно…… и онака, без граматика… чекав…
Изјавата има, и ќе има одредени реакции во јавноста, дел од граѓаните ќе бидат фрапирани од чаршиската изјава на Министерката, и потоа таа ќе продолжи да си тера, ќе си тераме и ние! Тоа е најболното нешто во нашето општество. Рамнодушноста и амнестирањето на дилетантскиот однос на челниците на државата.
Тоа е знак дека сите сме помирени со потпросечноста. Дека во еден примарен сегмент за државата, како што е образованието, една чаршиска изјава на Министерката ќе биде само една вест што три дена ќе ја бранува јавноста, и ништо повеќе.
Мислам дека имам толку доблест, да не го гледам ликот на Министерката преку партиска призма. Си велам, замисли да е некоја жена лавица, жена булдожер, жена мајка, што ќе направи исчекор во овој наш заостанат, исполитизиран образовен систем. Жена, којашто ќе внесе зрнце искрени побуди кон младите, коишто сепак, сè уште се надеж дека постои можност да го фатат возот на цивилизираноста, нa културата, на емпатијата, на сеприсутноста во светот и на меѓусебното прифаќање.
Можеби е тежок предизвик да излезеш од рамките на партијата што те назначила. Партијата што ти ги одредува насоките по коишто смееш да се движиш. Но величината на Министерката би се истакнала доколку можеби има доблест да постапува како за свои деца, за свои внуци…
И велам, јас како мајка и жена, особено што и таа е жена…
Како да постапува?
Па така, да не настапува со недоквакани оправдувања. Странскиот јазик во училиште треба да се учи темелно. Така се вежба мисловната моќ на поединецот. Преку споредбата со различната граматичка структура на туѓиот јазик, се осознава структурата на мајчиниот јазик. Сосема е различен пристапот, доколку сакаме да го усвоиме туѓиот јазик за да се качиме на воз, за да порачаме сендвич во туѓата држава, и доколку сакаме да го усвоиме туѓиот јазик како израз на друга култура, друга цивилизација, друг мисловен израз.
Преку темелното усвојување на туѓиот јазик се отвораат можности за најнепосредна комуникација со различноста. За најнепосредна комуникација со светот, со науката, со уметноста, со прогресивната мисла.
И не е поентата дали ќе се издадат учебници по странски јазици годинава, или следната година.
Како ние, повозрасните, досега ја учевме граматиката на странските јазици? Јас темелно. Пред педесет години, во Школото за странски јазици. Не се сеќавам на учебниците, но се сеќавам на професорката Марија Маџар. Којашто, покрај англиската граматка, ни даваше едно широко, светско образование. Тоа беа ликови, коишто го предаваа своето универзално знаење, како чин на посветеност и мисија.
Затоа, оваа изјава на Министерката за образование и наука, дека децата и онака го усвојуваат странскиот јазик преку телевизиите и дека тоа е доволно, е многу индикативна. Тоа е изјава што упатува дека образованието и понатаму ќе остане сведено на површност, дека и понатаму ќе се штанцаат дипломи, и дека и понатаму ќе се форсира потпросечноста и заглупавувањето на нацијата.
Стручни и соодветни кадри веќе нема. Си отидоа по европските земји. Тие што останаа се помирени и тивки.
Успеваат тие таквите што учат странски јазик од телевизиски серии.
Изјавата на Министерката всушност е целосен пресек на образованието сега, и веројатно на образованието во иднина…
Но затоа што, не постои зрнце желба, заедно, сите, да направиме исчекор во промената на оваа канцерогена образовна состојба што ја уназадува Македонија, во сите сфери на нејзиното опстојување…
Авторката е научен советник во Институтот за македонски јазик