Нов руски напад на Киев, погодени згради и други објекти

Според објавата на киевскиот градоначалник службите за итни случаи интервенирале во неколку градски области, вклучително и во областа Соломјанск, каде што се наоѓаат главната железничка станица и главниот аеродром во Киев, како и во историскиот округ Свјатошински

ФОТО: Принтскрин

Неколку експлозии се слушнале утринава во украинскиот главен град Киев. Експлозиите се слушнале набргу откако се огласила воздушната тревога околу 5:30 часот по локално време.

Шефот на градската воена управа на Киев, Серхи Попко, изјави дека експлозиите биле од истрелани крстосувачки и балистички ракети од Русија.

Како резултат на ракетниот напад, Попко вели дека остатоци паднале во најмалку четири области на градот, предизвикувајќи штета на автомобили и нестанбени згради.

„Сè уште се истражува степенот на штетата“,

рече тој.

Шефот на претседателскиот кабинет Андриј Јермак на својата страница на Телеграм по нападот напиша „За се ќе има одговор. Непријателот ќе го почувствува тоа“.

„Киев Индипендент“ пренесува изјава од градоначалникот на Киев Виталиј Кличко кој вели дека најмалку две лица се повредени во градот, меѓу кои и еден маж кој е хоспитализиран.

Во нападот, според објава на Кличко на Телеграм, делумно е уништена водоснабдителна станица во киевскиот кварт Холосивски. Тој пишува дека службите за итни случаи интервенирале во неколку градски области, вклучително и во областа Соломјанск, каде што се наоѓаат главната железничка станица и главниот аеродром во Киев, како и во историскиот округ Свјатошински.

„Според прелиминарните информации, четири автомобили биле запалени во областа Свијатошин на едно од местата каде паднале остатоците, а пожарот во моментот е изгаснат. Покрај тоа, избувна пожар во двокатна нестанбена зграда во областа Свијатошин. Штети има на метро станицата Свијатошин каде се скршени стаклата на зградата, но таа работи. Во квартот Холосиев е оштетена котларницата, а пожарот е изгаснат“,

пишува Кличко.

Ројтерс, повикувајќи се на изјави од украинските власти, пренесува дека најмалку 47 лица, меѓу кои пет деца, се повредени вчера откако руски проектили погодиле трговски центар и комплекс за организирање настани во североисточниот украински град Харков.

Во Харков, спасувачите и волонтерите ги пренеле повредените цивили со возила на брзата помош надвор од трговскиот комплекс.

Гранатирањето е извршено еден ден откако руската војска соопшти дека пресретнала и уништила 158 украински беспилотни летала чија цел биле неколку руски региони во еден од најголемите напади во војната што трае две и пол години. 

- Реклама -