Нереди во јужнокорејскиот парламент: Претседателот прогласи воена состојба, пратениците му се спротивставија

Полицијата е распоредена на влезот на зградата на Националното собрание во Сеул, откако претседателот на Јужна Кореја прогласи вонредна состојба. На видеото кое се појави на социјалните мрежи, се гледа како полицијата опремена со штитови спречува неколку пратеници да влезат во Собранието

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол денеска прогласи итна воена состојба, велејќи дека овој потег е неопходен за да се заштити земјата од комунистичките сили, а опозицијата ја обвини дека го контролира парламентот, пренесува Си-ен-ен.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол / Фото: Принтскрин

„За да се заштити либералната Јужна Кореја од заканите од севернокорејските комунистички сили и да се елиминираат антидржавните елементи, прогласувам вонредна состојба“,

рече Јун во телевизиско обраќање до нацијата.

Јун рече дека одлуката е донесена за елиминирање на просевернокорејските сили од земјата и за заштита на либералниот уставен поредок.

Претседателот нагласи дека нема друг избор освен да прибегне кон воена состојба, но во своето обраќање не кажа какви конкретни мерки ќе бидат преземени.

Овој потег наиде на остра критика, а лидерот на конзервативната партија Хан Донг Хун ја нарече одлуката погрешна и најави дека на неа ќе се спротивстави заедно со народот.

Полицијата е распоредена на влезот на зградата на Националното собрание во Сеул, откако претседателот на Јужна Кореја прогласи вонредна состојба.

Полицијата е распоредена пред парламентот во Сеул / EPA-EFE/YONHAP SOUTH KOREA OUT

На видеото кое се појави на социјалните мрежи се гледа како полицијата опремена со штитови спречува неколку пратеници да влезат во Собранието.

Јужнокрејскиот претседател ја обвини главната опозициска партија во земјата дека има симпатии кон Северна Кореја и антидржавни активности. Се осврна на предлогот на опозициската Демократска партија, која има мнозинство во парламентот, за отповикување на највисоките обвинители и отфрлање на владиниот предлог-буџет.

Воена состојба е привремена одредба на воените власти за време на вонредна состојба кога се смета дека цивилните власти не можат да функционираат.

Додека се одвиваат судирите пред зградата на парламентот, пратениците одржаа седница на која гласаа за вонредната состојба што ја прогласи јужнокорејскиот претседател.

Парламентот гласаше за блокирање на тој проглас, а претседателот на парламентот го прогласи за неважечки.

Претседателот на парламентот, Ву Вон-сик, поднесе резолуција со која бара укинување на вонредната состојба околу 1 часот по полноќ по локално време.

Според јужнокорејските закони, владата мора да ја укине вонредната состојба ако мнозинството во Националното собрание го побара тоа преку гласање.

- Реклама -