Муцунски: „Француски предлог плус“ е стопирање на билатерализацијата во пристапните преговори со ЕУ

„Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската Унија. И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување на некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред“, вели министерот за надворешни работи

Тимчо Муцунски, министер за надворешна политика и надворешна трговија

По изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за „француски предлог плус“, а и по најавите дека во Брисел неделава тој ќе презентира план за деблокирање на евроинтеграциите, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, рече дека тоа пред сè се однесува на стопирање на билатерализацијата.

„’Француски предлог плус’ е надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба на таков начин, ние ќе бидеме апсолутно сигурни, без никаква дилема, дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, дека понатаму нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат. Што не значи дека некоја земја членка по тој пат нема да може да не блокира во однос на ниспорачување реформи во делот на јавни финансии, во однос на неиспорачување на реформи во делот на владеење на правото, но да престанат овие билатерални барања“,

објаснува Муцунски.

Министерот за надворешна политика и надворешна трговија тврди дека тоа може да се постигне преку институциите на ЕУ, доколку Унијата е сериозно посветена на нас и регионот.

„Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската Унија. И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување на некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред“,

рече тој.

Кога има желба кај земјите членки, ќе се најде начин да се убеди членка којашто прави проблем, доколку е стратешко прашањето. Прашањето е дали ЕУ е искрена дека сака да се прошири кон Западниот Балкан, а јас верувам дека е искрена, вели Муцунски.

„Ние им велиме патот којшто сте го нацртале ни штети на нас, ќе ви штети и на вас, дајте да нацртаме нов пат. И не само тоа, туку нудиме и логично решение. Нудиме решение коешто и од правна и од политичка гледна точка не е ниту нешто страшно, ниту нешто опасно. Поборници сме на концептот дека брзоплети одлуки во надворешната политика носат добри решенија. Видовме како една претходна власт, по неколку месеци формирање на Владата, сакаше да наметне дека таа ги наоѓа најсоодветните решенија во надворешната политика, па не доведе до оваа ситуација со протоколи, со уставни промени, со милион проблеми од техничка природа, со наводно подобрување на меѓусебните односи, но потоа се што ќе им побараа – прифаќаа. И сега ние сме доведени до таква ситуација да треба работата од многу подредена состојба да ја извадиме на ситуација каде што имаме барем минимално достоинство и интегритет да ја движиме државата напред“,

вели Муцунски во интервјуто за „360 степени“.

- Реклама -