МакеДокс Корзо под ведро небо во МСУ

Во петокот вечер, дворот на Музејот на современа уметност се исполни со позитивна енергија и љубители на добрата музика и филмската уметност, кои се собраа на пред фестивалското MакеДокс корзо. Настанот привлече голем број посетители, кои уживаа во незаборавната атмосфера на отворено.

Под ведро небо, во дворот на МСУ, гостите имаа можност да погледнат филм и да се забавуваат со одличната музика на диџеј Шурбе, кој се погрижи за динамичната и весела атмосфера. Лесното ветерче и топлата летна вечер дополнително придонесоа за уживање, а звуците на музиката се мешаа со звуците на природата, создавајќи волшебно искуство.

„Нема ништо поубаво од петок вечер, под отворено небо, во прекрасниот двор на МСУ, каде што гледаш филм и уживаш во музиката. Ова беше навистина посебно искуство,“ изјави еден од присутните.

Посетителите донесоа свои пијалаци и уживаа во пријатната атмосфера, а организаторите се погрижија да има доволно вода, ракија, вино и по некое пивце, за добар штимунг. Настанот го најави почетокот на 15-то издание на фестивалот МакеДокс, кој ветува уште многу емоции и незаборавни моменти.

- Реклама -