ДУИ загрижена поради новоназначените директори во ФЗО: Опасен преседан за исклучување на Албанците од носењето одлуки во институциите

„Веруваме дека отстранувањето на Албанците од клучните институции не е само неправда кон нашата заедница, туку и закана за стабилноста и меѓуетничката хармонија во Северна Македонија“, велат од ДУИ во писмената реакција

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) изрази длабока загриженост за последната владина одлука, според која, на чело на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) како в.д. директори се назначени Сашо Клековски и Бранко Аџигогов – двајцата етнички Македонци.

Седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: „360 степени“

Со нивното назначување на директорските позиции во Фондот, според ДУИ, се прави систематски обид за отстранување на Албанците од најчувствителните институции во државата и „опасен преседан за нивно исклучување од процесите на донесување одлуки на државно ниво“. 

Оваа одлука е директна последица на влада со моноетнички легитимитет, каде што нелегетимни лица избрани од своите патрони ги претставуваат само своите лични и клановски интереси, а никако интересите на Албанците. Таква влада, која не ја рефлектира различноста и легитимитетот на нашите народи, следи опасен пат кој ги поткопува основните принципи на еднаквост и правда во нашата држава“,

посочуваат од ДУИ во писмената реакција.

Од партијата оценија дека освен што ги маргинализира Албанците, оваа одлука е спротивна на Охридскиот договор и, како што велат, заштитните механизми за еднаква претставеност на сите етнички заедници.

„Ние веруваме дека отстранувањето на Албанците од клучните институции не е само неправда кон нашата заедница, туку и закана за стабилноста и меѓуетничката хармонија во Северна Македонија“,

велат од ДУИ и додаваат оти јавните институции треба да бидат одраз на праведно и еднакво општество.

Реакцијата на ДУИ следува по вчерашната владина седница на која, меѓу другото, беа именувани нови в.д. директори во неколку јавни институции. На чело на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) е назначен Сашо Клековски. Тој, заедно со вториот в.д. директор Бранко Аџигогов, денеска во просториите на Фондот ги презедоа функциите од досегашните директори Магдалена Филиповска Грашкоска и Асаф Абдурамани.

Од примопредавањето на директорските функции во ФЗО

- Реклама -