На 15 ноември во Драмскиот театар премиерно ќе биде изведена претставата Драми на принцезите во режија на Жива Бизовичар.
„Не, ѕидот е мој, но сеедно што мислам јас, веќе се изгубив во него. Го гледам така да се рече, не, така, без да се рече, одвнатре. Таму се гледа појасно. Жената толку долго чистеше, дури да исчезне нејзиниот предмет. Може да се каже тоа за нас?“
Циклусот постдрамски текстови Драми на принцезите со поднаслов Смртта и девојката, нобеловката Елфриде Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим.
Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст.
Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува.
Во Ѕидот, последниот дел од циклусот, Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот.