Две години од смртта на младата Амини: Иранките им пркосат на властите и излегуваат без хиџаб

Амини, Иранка со курдско потекло почина на 22 години во болница на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од припадници на полицијата за морал поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување

Голем број Иранки излегуваат на улица без хиџаб во знак на пркос пред двегодишнината од смртта на Махсе Амини, која беше уапсена од полицијата за морал бидејќи и се гледаше косата под марамата.

Новиот реформистички ирански претседател Масуд Пезешкијан во предизборната кампања вети дека ќе ја спречи таканаречената Иранска полиција за морал да ги вознемирува жените. Но, главен авторитет во Иран е врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој тврди дека откривањето (на делови на женското тело) е забрането и верски и политички.

Амини, Иранка со курдско потекло почина на 22 години во болница на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од припадници на полицијата за морал поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување. Таа беше одведена во „центар за превоспитување“ каде беше претепана. Амини беше приведена бидејќи неправилно го носела хиџабот, односно и се гледала косата.

Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, кои се претворија во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската Влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22 000 беа приведени.

Независна меѓународна мисија за проверка на факти на Обединетите нации за Иран на 18 март годинава објави дека смртта на Амини е незаконска и предизвикана од насилство.

- Реклама -