Вишокот килограми и лошата исхрана го земаат данокот – Македонија е меѓу земјите со најголема предоминантност на дијабетес во светот

Според претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ, загрижувачки е тоа што младата популација во годините што доаѓаат ќе развијат дијабетес, бидејќи, како што вели, живее во обезност, односно со зголемена телесна маса

Речиси половина од населението во земјава живее со зголемена телесна маса, има лоши навики во исхраната и намалена физичка активност, што се главни ризик фактори кои доведуваат до појава на дијабетес, а кога станува збор за оваа болест Македонија има една од најголемите преваленции во светски рамки.  

Од денешниот настан по повод 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот / Фото: МИА

Ваквата загрижувачка состојба ја посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември.    

Според Миленковиќ, дијабетесот, иако не е заразна болест има размери на вистинска пандемија, како во светот, така и во нашата земја.  

„За жал, ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината. Кај нас речиси 50 отсто од популацијата живее со зголемена телесна тежина, односно со дебелина, повеќе од 50 отсто пушат и имаат лоши навики во исхрана и уште полоши во однос на физичката активност“,

рече Миленковиќ.

Според неа, загрижувачки е тоа што младата популација во годините што доаѓаат ќе развијат дијабетес, бидејќи, како што кажат живее во обезност, односно со зголемена телесна маса. 

Оваа генерацијата, вели Миленковиќ, е под ризик да се соочи со пократок животен век од нивните родители, како резултат на незаразните болести кои што се главна причина за смрт во светот. 

„Загрижувачки е што младата популација е таа која живее со обезност и која што во годините што доаѓаат, секако ќе развијат дијабетес и не само дијабетес, туку и болести кои што се придружни на дијабетесот, а од кои што умира светската и нашата популација. Тоа се кардиоваскуларните болести, затоа што сите заедно ги делат истите ризик фактори. Значи, нашата општествена улога, како доктори, е да се трудиме да се вратат здравите навики во исхраната, да се конзумира здрава храна, да се прекине со пушење, да се зголеми физичката активност, за да можеме да направиме популација која што ќе ги надживее родителите. Се смета дека оваа генерација ќе има понизок животен век од нивните родители, поради овие незаразни болести коишто се главна причина за смрт во светот“,

кажа Миленковиќ. 

На настанот учествуваше и министерот за здравство, Арбен Таравари кој во своето обраќање кажа дека Министерството со кое раководи овозможува набавка на најсовремена инсулинска терапија и обезбедува систем за континуирано мерење на гликемијата, со кој се овозможува поквалитетен живот на децата со дијабет. 

„Посебно сакам да го истакнам и обезбедувањето на системот за континуирано мерење на гликемијата, со кој се овозможува подобар квалитет во секојдневното живеење на децата со дијабет. Со најновата двегодишна набавка обезбедивме 650 сензори во соработка со Клиниката за детски болести, отворен е едукативен центар во склоп на Клиниката каде изминатиот период се одвиваше едукација за поставување на сензорите кај децата и адолесценти“,

рече Таравари. 

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Нашата држава, додаде министерот, спаѓа во земји со низок ризик за појава на детски дијабетес, во однос на другите европски земји, но сепак, како што рече, бројот е со постојана тендеција за пораст во последните години. 

„Дијабетес тип 1, за жал, го погодува највулнерабилниот дел од популацијата, децата и младите, а третманот опфаќа повеќе аспекти, да се промовира висок квалитет на живот, нормален раст и развој на децата со дијабетес“,

кажа Таравари. 

- Реклама -