(ВИДЕО) Чистота се подобри, признаваат тетовци, но сега не чинат сметките

Собирањето и одложувањето на сметот во Тетово од пред неколку месеци го презеде словенечката компанија со австриски капитал „Заубермахер“, откако со Општина Тетово потпишаа договор за јавно приватно партнерство

Меѓу промените кои дојдоа со договорот е и начинот на пресметка на сметката за собирање смет. Досега било по број на членови во домаќинство, а сега по станбена површина. Дел од граѓаните се незадоволни што сметката им поскапела, други, пак, велат има бројни грешки, што, пак, се должи на лоши бази на податоци во Катастарот и општината

Вака, пред само четири месеци, изгледаа контејнерите во Тетово. Не беа такви само кога ги снимавме ние, туку со години.

„Не е добро да се живее овде. Имаме внуци, играат, праат. Оваа депонија више не е само сега. Ево, цело лето, цела зима. Уште малку и внатре ќе ни влезе.“

ни кажа тетовка.

Кога ги правевме овие снимки во февруари, собирањето на отпадот во Тетово го вршеше Јавното комунално претпријатие.

Сега, се вративме во градот за да провериме дали нешто се сменило, бидејќи ѓубрето го собира словенечката фирма со австриски газди „Заубермахер“, откако Општина Тетово склучи договор за јавно-приватно партнерство со неа.

И, барем низ центарот на градот, нема купишта ѓубре околу контејнерите. Има нови садови за собирање отпад, а на нив се наведени инструкции и телефонски броеви за собирање на кабаст и друг отпад чие место не е во контејнерите.

Тетовци признаваат дека сега е подобро. Но, сега се жалат на друго – сметките или им се поскапи или со грешки.

„Една сметка, наместо да доаѓа за едно лице што е сопственик на куќата, доаѓа за најмалку тројца-четворица. Друга грешка – парцела пишуваат што не кореспондира со стварноста – ни со улицата, ни со името, ни со презимето.Добро, сега го земат ѓубрето редовно, но овие работи што ќе треба секој месец да ги плаќа граѓанинот и тоа не е малце. Некој, на пример, 3 000 денари плаќа сега, а порано плаќал 500 денари“.

вели граѓнин.

Е па некои, некои се жалат, а за мене, додуша, супер е. Сега е подруго, задоволна сум.Има поскапено 100 денари, 200 денари, да има и за водата и за струјата и ѓубрето, заедно иде, ама мора да платиш, барем имаме доволно вода, чистат. Сега-засега добро, понатаму ќе видиме.

рече друг граѓанин.

„Цената веројатно била грешка на институцијата што ја направила, но сега мислам дека тоа е средено. Каде да одиш во Европа, така е, плаќаш – ќе имаш почиста средина, тоа поправедно е“.

изјави граѓанин.

„Вака ако продолжат нема да платиме воопшто“.

-За разлика од претходно дали го собираат ѓубрето?

„И порани го собираа еднаш неделно, доаѓаа по куќи и го собираа. По град какви проблеми имаше, јас не знам. Додека по маалата секој петок и истото го продолжија и овие, исто е, само цената е поскапа“.

рече граѓанин.

Поплаките на граѓаните се последица на други промени кои дојдоа со Заубермахер. Досега услугата за собирање смет во Тетово се плаќала според бројот на членови во домаќинството. Отсега се плаќа како во Скопје и други градови, според квадратурата на имотот.

Од компанијата Заубермахер велат дека фактурирањето за собирање смет го прават врз основа на податоците што ги добиле од државните институции, во овој случај од Катастарот. А колку се ажурирани податоците во Катастарот е под знак прашање.

„Во нашата база на податоци го фактуриравме целиот простор на почетокот за месец февруари, затоа во првата фактура издадовме и известување до граѓаните кои можат да дојдат да не посетат во нашите канцеларии, а во текстот пишавме што треба граѓанинот кој има поплака за фактурирање да донесе за да ги коригира фактурите. Имаше бројни случаи и уште доаѓаат, сакам да истакнам дека дури и поштенските услуги со кои ги испраќаме поради немање соодветен уличен систем во град Тетово ни се вратени третина од фактурите бидејќи адресата не се наоѓа во Тетово“.

рече Фидани.

Дел од проблемите се вина и на граѓаните, како неспроведени оставински постапки за лица кои починале, а уште се водат како сопственици на имот. За да ги решат ваквите проблеми, вели Фидани, ќе формираат специјален тим кој ќе излезе на терен.

„Ние овие случаи не можеме да ги најдеме ниту во Катастарот ниту во општината, во секој случај во соработка со Општината, во соработка со претпријатијата, формиравме тимови, ќе излеземе на терен и сите случаи ќе ги видиме, каква е фактичката состојба на теренот за да можеме да ги подобриме податоците, за да можеме да ги потврдиме податоците што ги имаме и што треба да ажурираме за да имаме здрава база“.

изјави Фидани.

Иако сметките ги наплаќа приватниот партнер „Заубермахер“, своја улога во цената се уште има и Општина Тетово. Локалниот Совет се согласи за цената по метар квадратен.

Сега, претседателот на Советот, Бесар Дурмиши, вели дека интенцијата е да се воведе горна граница на висина на сметка, како и да се воведат поволности за иселениците и социјално загрозените семејства.

„Сите оние граѓани кои имаат куќа над 250 квадрати, всушност, ја надминува цената, да речеме над 600 или 650 денари, што е товар. Да се направи нивно евидентирање и да го направат усогласувањето и да имаат фиксна цена да не надминува 250 метри квадратни. Исто така, граѓаните кои имаат повеќе имоти и на иселениците ќе им се брои само 50% од имотот, а оние граѓани кои се навистина социјални случаи ќе бидат идентификувани и ќе се донесе одлука на Советот, Општината да плаќа за тие случаи“.

рече Дурмиши.

И Дурмиши потврдува дека податоците од Катастарот често не се совпаѓаат со реалноста. Па, апелира граѓаните за какви било поплаки да се обратат до шалтерите на претпријатието.

„Направивме три точки каде што можат да одат, една од нив е во Општина Тетово, каде направивме посебен шалтер кој се занимава со овие сметки. Граѓаните само треба да дојдат во просториите на Општината или во просториите на ЈКП и да се поправат оние технички грешки кои ги имаат за идните фактури што ќе се фактурираат да бидат реални со недвижниот имот што го имаат граѓаните“.

изјави Дурмиши.

Значи, проблемот со ѓубрето во Тетово е решен до одреден степен. Сликата на полни шалтери за поплаки говори дека има уште пречки за процесот да се нарече успешен, барем од аспект на граѓаните.

Од аспект на приватниот партнер, состојбата не е ниту приближно розова. Недостига граѓанска култура, па контејнерите и натаму се полнат со отпад на кој не му таму местото. Иако е забрането, тетовци паркираат пред контејнерите, па не може да се собере отпадот од нив. И најважно, наплатата на сметките е екстремно ниска. Неофицијално, само 8 од 100 домаќинства во Тетово ја плаќаат сметката за собирање смет.

„Ја користам приликата да им порачам на граѓаните, доколку има грешки во нивните фактури, кога ги добиват фактурите да дојдат да пријават во најбрз можен рок, да ги направиме корекциите, а од нив барам плаќањето на претходните фактури да го направат заклучно со фактурата за мај, која веќе ја издадовме по пошта“.

рече Фидани.

„Откако се регулира овој процес, кој веќе сега е во ред, бидејќи секој ден се собира смет и не се создаваат купишта, сега е моментот, треба да се бара од граѓаните и тие сега забележуваат дека сметот се собира секој ден, да се побара од нив да почнат да ги плаќат фактурите, бидејќи нормално е – ако компанијата не ја врши услугата, граѓанинот да се буни и да не ја врши исплатата, но кога се ќе е во ред, како што е е досега, нормално е да се апелира и да се бара од граѓаните да ја платат сметката за отпад“.

рече Дурмиши.

- Реклама -