(ВИДЕО) Сега има апарати за откривање рак, ама нема доктори

Од 2017 до крајот на 2022 година, државните здравствени установи во земјава се подновиле со седум апарати за магнетна резонанца (МР), со што е зголемен бројот на вакви уреди на 14. Тоа е зголемување за 100 отсто бидејќи во 2017 г. државните болници работеле со само седум апарати

Но, според извештајот на Државниот завод за статистика, во 2017 и во 2022 година е направен речиси идентичен број прегледи на магнетна резонанца во земјава иако за двојно е зголемен бројот на апарати. Зошто? Затоа што нема кој да чита резултати

Кон крајот на 2021 година Европската Унија донира апарат за магнетна резонанца во болницата „Св Еразмо“ во Охрид. И не само таму. Апарати за магнетна резонанца беа подарени и ставени во употреба и во болниците во Прилеп и Струмица. На болниците во Кичево, Куманово, Кавадарци, Гевгелија и на Клиниката за пулмологија во Скопје, пак, им беа подарени апарати за компјутерска томографија.

„Овие машини се многу важни затоа што овозможуваат рана дијагноза. Рана дијагноза значи превенција и ран третман кој може да спречи смрт и страдање,“

порача тогаш евроамбасадорот Дејвид Гир.

Зголемувањето на бројот нови апарати требаше да го подигне и квалитетот и достапноста на овие дијагностички услуги за пациентите. Но, на почетокот на годинава, во јануари, државните ревизори констатираа нешто сосема друго. И покрај тоа што бројот на апарати за магнетна резонанца низ државата се зголемил двојно, од седум на 14, обемот на услуги останал ист.

„Кога ние помагаме, очекуваме и властите да испорачаат, исто така. И граѓаните го очекуваат тоа. Да ја искористиме оваа можност да апелираме до сите засегнати – да се направи употреблива донираната опрема. Тоа е во интерес на што повеќе пациенти.“

кажа Гир на 06.2.2024 година.

Вообичаен понеделнички метеж на клиниките во Скопје. Пред Институтот за радиологија, се чини, нема поголеми задржувања за преглед, но зад вратите се гледа редица пациенти на шалтер. Голем дел од нив велат дека заглавиле чекајќи резултати. Други се жалат дека не успеале или едвај закажале термин за магнетна резонанца или компјутерска томографија.

„-Не успеав да закажам тоа, се чека повеќе од шест месеци.

Моето беше итно, ми се откачи тромб позади око и со итни упати. А инаку се чека, секаде се чека. Немаме лекари ние, тоа е тоа.

Закажав термин да ти кажам право, срам ми е да ти кажам. Преку пријатели. Внуката ми работи како медицинска сестра и така ми закажа.

Чекам за резултат, бе душо, три месеци, еве го ливчето. Сега бев кај секретарката, вика дојдете во 12, а 32 ми е шеќерот.

Се заврши работа за снимање, ама резултатите се чекаат малку повеќе зашто не се наоѓа доктор рендгенолог да ги прочита резултатите. Не се криви тие“,

велат дел од пациентите пред Институтот за рендгенологија.

Директорката на Институтот за радиологија, Гордана Антулеска-Белческа, вели дека на клиниката имаат три апарати за магнетна резонанца и четири за компјутерска томографија. Сите се во функција, а работата е организирана во две смени. Два од апаратите за магнетна резонанца се нови, од 2022 година. Со јачина од 3 тесли, апаратите се едни од најсофистицираните во регионот.

Просечниот број прегледи на дневно ниво за магнетна резонанца кај нас се движи од 65 до 70, што значи дека некаде за 50 проценти повеќе работиме од вообичаеното, дозволеното или предвиденото. Кои ги опќафаме тука? Приоритетните пациенти чиј упат трае седум дена, секако итните пациенти, а со реорганизацијата на термините имаме доволно термини и за амбулантски и за сервисни пациенти, така што имаме добра соработка со сите клиники“,

вели директорката на Институтот за радиологија, Гордана Антуелска-Белческа.

Според Белчевска, капацитетот на работа е значително зголемен, но за да може максимално да се користат апаратите, има недостиг на кадар.

Имајќи предвид дека се соочуваме со недостиг на кадар, во втора смена се вклучени еден апарат за компјутерска томографија и еден апарат за магнетна резонанаца. Според правилникот на Министерството за здравство за закажување термини, терминот за магнетна резонанца се закажува на триесет минути. Со оглед на фактот што радиолозите имаат бенифицирано работно време од шест часа и половина час пауза, значи на еден апарат, во едно работно време, на еден апарат, би можело да се изработат 11 прегледи, односно да се завршат 11 пациенти“,

додава таа.

Со такво темпо, Институтот за радиологија прави по околу 3 700 прегледи по апарат на годишно ниво. Така пребројале од Државниот завод за ревизија анализирајќи ги податоците од 2017 до 2022 година за потребите на извештајот „Користење на здравствените услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“.

Според документот, за периодот 2017-2022 година, поголем просек на прегледи по апарат, има само болницата во Битола – 4 390. Со тоа, битолската болница е единствената во земјава која, како што нотираат ревизорите, влегува во зоната од 4 000 до 9 000 снимања годишно по апарат, вредности што се опишани како граници на најнизок и највисок просек на годишни снимања по апарат во Европската Унија. Сите други болници во земјава ги користат апаратите далеку поретко, при што апаратите се најмалку искористени во Тетово, со само 843 прегледи годишно по уред, односно околу петпати помалку од битолската болница и долната граница на просекот во ЕУ.

Еднакво загрижувачки факт во извештајот на Државниот завод за ревизија е и тоа што покрај зголемен број апарати, бројот на прегледи останува горе-долу ист.

Низ бројки, во 2017 година со 7 апарати за магнетна резонанца низ цела држава, биле направени околу 19 000 прегледи. Следните две години, со еден апарат повеќе, биле правени по околу 21 000 прегледи. На почетокот на ковид-кризата, разбирливо, драматично паѓа бројот на дијагностички и превентивни прегледи. Веднаш потоа, земјава се подновила со шест апарати. Сепак, во 2022 година се направени околу 19 000 прегледи, односно слично како во 2017 г., кога државното здравство располагало со двојно помалку уреди.

Повикувајќи се на овие податоци, евромабасадорот Дејвид Гир неодамна изрази загриженост што опремата која ЕУ ја донира за магнетна резонанца и за компјутерска томографија недоволно се користи.

Бев разочаран кога прочитав во скорешниот извештај на Државниот завод за ревизија, каде се наведува дека користењето на системите за магнетна резонанца не резултирало со зголемена употреба. И секако не до нивото на земјите на членки на ЕУ. Во ЕУ просекот на услуги по апарат е меѓу четири и девет илјади. Според ДЗР, просекот овде е 2 800. Зошто? Мораме подобро

порача евроамбасадорот Гир.

„360 степени“ упати неколку прашања до Министерството за здравство во врска со апаратите што земјата ги доби како подарок од ЕУ. Добивме прецизен одговор само за бројот на снимања за два од донираните осум уреди.

„На Универзитетската клиника за пулмологија КТ-апаратот е ставен во функција во јуни 2022. Само во текот на првата година се снимени вкупно 1 658 пациенти, а во периодот од јуни 2023 до денес снимени се 2 153 пациенти. Во Општата болница Струмица – апаратот за магнетна резонанца е ставен во употреба во март 2022 година. И просечно на годишно ниво се вршат околу 1 800 снимања,“

посочија од Министерството за здравство.

На прашањето колку чинат подарените апарати, од Министерството нè упатија одговор да бараме кај Европската Унија.

Зошто апаратите за радиолошка дијагностика не се користат доволно проверивме во две болниците каде што беа инсталирани подарени уреди од Европската Унија.

Во Општата болница во Прилеп, системот за магнетна резонанца е во функција од мај 2022 година. На апаратот работат две рендген-техничарки кои поминале посебна обука пред да почнат со работа.

Конкретно, во едукацијата, беше опфатен самиот процес од почнување на снимање на пациентите до самата подготовка, што се може да се снима на магнет, кои се контраиндикации за самото снимање на магнет. Значи, пациентите кои се со вградени импланти не одат да се снимаат на магнет затоа што има јако магнетно поле“,

вели Анета Ѓореска, рендген-техничарка во Општата болница „Борка Талески“, Прилеп.

Денеска конкретно имавме десет пациенти. Снимањето зависи од видот на прегледот што го правиме. На пример, глава трае некаде околу 20 минути, колено ни е едно од подолгите снимања, тоа трае околу 45 минути, ‘рбетите траат некаде пократко, значи зависи делот на телото кој се снима“,

објаснува Наташа Трпеноска-Лашкоска , рендген-техничарка во Општата болница „Борка Талески“, Прилеп.

Иако има денови кога доаѓаат по десет пациенти, просекот сепак е далеку помал. Според директорката на болницата Кети Смилеска, има причина зошто е така.

Во 2023 година имавме дефект на магнетот и беше надвор од употреба три месеци и токму затоа тие бројки не го исполнуваат просекот. Односно, пет пациенти дневно сме снимале во текот на 2023 година, за во 2024 да имаме во просек шест пациенти во текот на денот. Заради тоа што работи една смена и дијагностицираме магнет на глава, на рбет и на колено. Значи, ги немаме сите дијагностики. Што се однесува до термините, упатите ги издаваат ортопедите и докторите од физикална“,

објаснува Кети Смилеска, директорка на Општа болница „Борка Талески“, Прилеп.    

Смилеска вели дека апаратурата ја користат колку што имаат можности. Работат со тројца радиолози и две рендген-техничарки. Според неа, недостасува кадар, а и оној што го имаат не е обучен за читање резултати од магнетна резонанаца.

Во нашата болница во моментот докторите не ги читаат резултатите од магнет. Затоа ангажираме доктори од Битолската болница и од Клиника од Скопје. Двајца доктори од Битола доаѓаат вклучително и на дежурство, го пополнуваат оној недостаток што го имаме со нашите рендгенолози и уште две докторки доаѓаат од Институтот за радиологија. И тие, додека се на дежурство, ги читаат резултатите што во текот на тој ден се направиле снимките на магнет“,

додава Смилеска.

Друг дониран апарат од ЕУ, за компјутерска томографија, се наоѓа во Општата болница Кавадарци. За пациентите од Тиквешкиот Регион ова значи рана и навремена дијагностика, велат лекарите кои пред да почнат да го употребуваат апаратот поминале посебна обука заедно со техничарите.

„Со самиот апарат работиме компјутерска томографија на глава, торакс, абдомен, мала карлица, КТ- урографии. Меѓутоа апаратот е доста софистициран и самите технички перформански на апаратот дозволуваат и други работи да се работат. Во смисла, да се работи КТ-ангиографија, да се работи виртуелна колоноскопија, за кои што ни е потребна натаму дополнителна обука и нас на лекарите и на самите технолози, за како би можеле да ги вметнеме и тие дијагостички процедури во календарот „мој термин“ кај нас.

вели Ѓорѓи Митрев, специјалист радиолог во Општата болница Кавадарци.

Во болницата работат двајца радиолози и четворица рендген-техничари. Со тој капацитет, на апаратот за компјутерска томографија успеваат да завршат десет снимања дневно.

Тој капацитет ни е толкав зашто покрај оваа дијагностика што ја работиме, ги работиме и останатите дијагностики – ехо, мамографија, рендгенско снимање на пациентите“,

објаснува Митрев.

За директорот на болницата Диме Коцев, капацитетите се користат максимално. Тој вели дека кадар постојано недостасува, но со оној што го имаат, успеваат да се организираат.

„За една година и половина значи имаме 2 500 снимања – како бројка дали е многу или малку нема да навлезам во тоа, но суштински ќе навлезам во делот на тоа дека снимањата на нашите пациенти кои се вршат овде, имаат двоен бенефит. Најпрво е бенефит за пациентот кој не патува на страна и истата дијагностичка животоспасувачка понекогаш метода ја добива во родниот град, во родното место. А второ многу е важно за нас колегите, докторите дека можеме да ја имаме оваа дијагностичка постапка како алатка, да можеме понавремено и поточно да ја поставиме дијагнозата, посебно кога се работи за малигни заболувања. Зашто знаете, кај тие болести што побргу се открие болеста, порано ќе се отпочне и со лекување“,

посочува Диме Коцев, директор на Општата болница Кавадарци.

Токму поради сознанието и од терен дека нема доволно кадар за апаратите да се искористат максимално, прашавме во Министерството за здравство – кој ја правел проценката дека ЕУ треба да ни донира баш вакви уреди. Одговор, не добивме.

Но, истите прашања ги поставивме и до Делегацијата на Европската Унијa.

Доделувањето на финансиската помош од ЕУ се врши во инклузивен процес, предводен од институционална страна од Секретаријатот за европски прашања, координирајќи ги барањата кои покриваат различни потреби. Конкретно, за опремата за дијагностичко снимање, купена во 2022 година, имаше одредени средства на располагање од пакетот помош за ковид“,

одговорија од Делегацијата на ЕУ.

Дополнително, во однос на вредноста на апаратите, од ЕУ одговорија дека вкупниот износ на договорот изнесува околу 3,6 милиони евра.

Оваа сума ја вклучува целата опрема, нејзината набавка, испорака, инсталација, тестирање, обука и гаранција обезбедени во првата година од нејзината употреба (траењето на гарантниот период е според правилата за набавки на ЕУ)“,

додаваат од Делегацијата на ЕУ.

Сумата, секако, ја прави уште поразбирлива критиката на евроамбасадорот. Брисел потрошил 3,6 милиони евра за опрема што Северна Македонија им ја побарала, а сега нема кадар за да ја користи во полн капацитет.

Но, ако е за утеха, има и опрема што поминала полошо. Италија во 2022 година ни донирала два апарата за магнетна резонанца од т.н. отворен тип, за ГОБ „8 Септември“. Бидејќи се со слаба јачина, служат за снимање само на мускулно-скелетен систем. Но, бидејќи даваат снимки со ниска резолуција докторите ретко ги користат – досега направиле само 114 прегледи, вкупно на двата уреда. Вредноста на апаратите е околу 750 000 евра.

Во Гостивар, пак, има дониран апарат за магнетна резонанца кој никогаш не е ставен во употреба бидејќи ниту имало простор ниту кадар. Последно заклучено е дека повеќе нема есап апаратот да се стави во употреба.

А во Скопје вообичаен понеделнички метеж на клиниките. Пред Институтот за радиологија се чини нема поголеми задржувања за преглед, но внатре зад вратите, се гледа редица пациенти на шалтер.

Извор