Бугарско државјанство: Кога министерката Сања Божиновска ја говори вистината?

Вчера објавивме дека министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, на прашањето на „360 степени“ дали некогаш поседувала или во моментов поседува бугарско државјанство, одговори: „Сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство“. Во текстот пренесовме запис од Трговскиот суд во Загреб, според кој, Божиновска директорувала со хрватска фирма користејќи бугарски пасош. Објавивме и дека таа побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на минатата година и дека постапка не е завршена

Денеска, за ТВ Канал 5, министерката Божиновска даде нова изјава во која призна дека имала бугарски пасош, додавајќи дека постапката за отпуст од бугарско државјанство била финализирана. Сепак, во прилогот се вели дека Божиновска не одговорила дали добила и решение за отпуст од бугарското државјанство, без што таа и понатаму е државјанка на Република Бугарија. Дополнително, Божиновска за Канал 5 вели дека таа секогаш се декларирала за Македонка, но фактите велат дека за да се добие бугарско државјанство, кандидатот мора да потпише изјава со која потврдува дека се чувствува како Бугарин

Не помината ни првата недела од изборот на новата влада, а над неа веќе се надвисна сериозно етичко прашање. Дали е политички прифатливо, иако не е законски забрането, министер да крие државјанство на друга или трета држава, вклучувајќи сосед со кој и земјава и партијата чиј кадар е, не се во најдобри односи.

И не само тоа, туку и кои се последиците ако министерот кој првично сокрил, потоа ги модифицира ставовите согласно фактите кои не можат да се побијат.

Има(в)-нема(м)

Сања Божиновска е шефица на новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Родена е 1980 во Скопје, а како што пишува во нејзината биографија доставена до Собранието, голем дел од образованието и работното искуство и се стекнати и поминати во други држави.

За националност навелала „македонска“. „360 степени“ вчера објави дека Божиновска не декларира дека има(ла) државјанство на друга држава, поточно бугарски пасош, кој го користела за директорување во Хрватска.

Принтскрин од јавно достапната интернет-страница на Трговскиот суд во Загреб

На нашите прашања дали има во моментов и дали некогаш имала бугарско државјанство, таа ни одговори:

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини

„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.

Ако се провери материјалот доставен од мандатарот Христијан Мицкоски до парламентот, со предлог-составот на новата влада, се гледа дека Сања Божиновска никаде не навела дека поседува чешко државјанство, како што тврдеше вчера. А ако одговорот се чита внимателно, јасно е и дека Божиновска не одговара директно на прашањето – дали некогаш поседувала бугарско државјанство. Само вели дека во моментов нема, што според проверките на „360 степени“, не е баш точно. Имено, таа побарала отпуст од бугарско државјанство во втората половина на минатата година, што временски претходи на нејзиниот избор за членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на оваа година.

Денеска на приказната се надоврза ТВ Канал 5. И тие побарале став од Божиновска. Во одговорот за телевизијата таа признава дека имала бугарски пасош и дека имала бугарско државјанство од кое побарала отпуст, процедура која, според неа, е финализирана. Но, се додава во прилогот на Канал 5, таа не одговорила и дали добила решение за отпуст од државјанство, без што, формално и натаму е бугарска државјанка.

Подолу е изданието на вестите на Канал 5 во 18 часот во кое може да се слушне и види прилогот, чија пишана верзија, во меѓувреме, е повлечена од интернет-страницата на медиумот.

Македонка со „българско национално съзнание”

Она што Божиновска го соопштила за ТВ Канал 5 е дека не гледа ништо спорно во тоа што имала бугарски пасош од етички аспект, затоа што секогаш се чувствувала како Македонка.

„Не сметам дека фактот што некогаш сум поседувала бугарска патна исправа/државјанство може да е спорен од етички аспект, бидејќи јас и тогаш, а и сега се чувстувам само како Македонка. Идентитетското оспорување на Македонија од страна на Бугарија сметам дека е погрешна и контрапродуктивна политика, која за жал штети на натамошното унапредување на односите меѓу двете држави и се надевам дека во претстојниот период ќе бидат создадени услови овие прашања еднаш засекогаш да се надминат, а Македонија и Бугарија да се фокусираат на реалната соработка каде несомнено спаѓа и енергетиката”.

Етничката припадност е лична работа и определба и, секако, не може да се оспорува. Но, во случајот треба да се додаде и еден друг факт. Сања Божиновска можеби секогаш се чувствувала како Македонка, но кога побарала и добила бугарско државјанство ставила потпис на изјава дека има бугарско национално сознание.

И не само тоа. Барателот на бугарско државјанство, изјавува и дека има бугарско потекло, притоа наведувајќи ги неговите предци Бугари. Факсимилот подолу е дел од изјавата која се потпишува како дел од барањето за бугарско државјанство.

Етички стандард

Божиновска не е единствениот член на владата на Христијан Мицкоски со втора татковина. Таков е и вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи. Но тој, за разлика од Божиновска, во биографијата ги декларирал и државјанството на Северна Македонија и она на Белгија.

На нашите прашања дали сите министри треба транспарентно да ги наведат другите државјанства, тој одговори:

Арбен Фетаи, заменик на претседателот на Владата за политики за добро владеење

„Како прво, двојното државјанство не е забрането со закон ниту во Северна Македонија, каде што сум избран за член на владиниот кабинет, ниту во земјата каде што живеев 35 години, во Белгија. Тоа дури е дозволено во повеќето земји членки на ЕУ, каде имаме намера да се зачлениме. Декларирање на второто државјанство е прашање на транспарентност и е неопходно барем кога станува збор за етичко ниво. Кога се работи за високи државни функционери и би требало да е норма, односно добра практика која е инсталирана во владеењето затоа што овде нема ништо контроверзно или спорно особено кога се работи за пријателски земји. Земји како Белгија, други земји од ЕУ и НАТО, не гледам ништо што оправдува криење на таква информација. Во мојот случај, напротив, верувам дека ова е етички стандард и стандард за транспарентност што треба да важи за сите“.

- Реклама -