Анкета на „Њујорк Тајмс“: Трамп 48%, Харис 47%

И покрај привидната предност на Трамп, анкетата покажува дека кандидатите за претседател на САД се во мртва трка, бидејќи маргината за грешка на анкетата е +/- 2,8%

Доналд Трамп и Камала Харис се практично изедначени во трката за избор на претседател на Соединетите Американски Држави, пред гласањето кое е закажано за 5 ноември 2024 година. Така покажува истражувањето на јавното мислење на весникот „Њујорк Тајмс“ и Сиена колеџот, анкета која ужива висок углед и доверба меѓу американската јавност.

Од 1 695 регистрирани гласачи кои биле анкетирани меѓу 3-6 септември 2024 година, 48% изјавиле дека ќе гласаат за Трамп додека 47% за Камала Харис. Предноста е незначителна, бидејќи маргината на грешка на анкетата е +/- 2,8%. Резултатите се слични со оние од истражувањето спроведени во јули годинава, веднаш откако претседателот на САД, Џо Бајден, се откажа од претседателската трка.

Доналд Трамп и Камала Харис

Објавувањето на резултатите од анкетата доаѓа на само неколку дена пред единствената закажана дебата меѓу кандидатот за претседател на Републиканската партија, Доналд Трамп, и кандидатката за претседателка на Демократската партија, Камала Харис. Дебатата се чини дека ќе биде многу повеќе од само формалност особено за Камала Харис, ако се погледнат одговорите на испитаниците во анкетата на другите прашања.

Така, на пример, дури 28% од претпоставените гласачи за Харис изјавиле дека чувствуваат дека сакаат да дознаат нешто повеќе за неа, додека таква потреба чувстуваат само 9% од претпоставените гласачи на Трамп. Понатаму, 47% од луѓето кои би гласале за Харис сметаат дека таа е премногу либерална, додека пониски 32% од претпоставените гласачи на Трамп сметаат дека тој е прменогу конзервативен. Или, сумирано, можеби двајцата кандидати имаат речиси идентична поддршка во моментов, но гласачкото тело на Трамп има појасна слика за кого и за какви политики гласа.

Истражувањето на јавното мислење на „Њујорк Тајмс“ и Сиена колеџот е едно од ретките висококвалитетни анкети на национално ниво кои не покажаа дека Камала Харис има барем мал раст во поддршката откако ја доби номинацијата на партиската конвенција во Чикаго минатиот месец.

„Њујорк Тајмс“ анализира и дека ова е првпат Трамп да има предноста макар и во рамките на маргина на грешка, ако се земат во предвид „големите непартиски национални истражувања“ во текот на последните месец дена.

- Реклама -