Американски турист е пронајден мртов во близина на Крф, уште тројца други се водат за исчезнати

Се претпоставува дека голем дел од туристите исчезнале откако тргнале да планинарат на високи температури. Минатата недела Грција беше погодена од силен топлотен бран. Властите ги советуваа граѓаните и туристите да избегнуваат излегување надвор во попладневните часови, да избегнуваат алкохол, да не внесуваат премногу храна, како и да избегнуваат физички активности на отворено

Американски турист претходно пријавен за исчезнат вчера е пронајден мртов на мал грчи остров, кој се наоѓа западно од островот Крф во Грција, пренесува Асошиејтед прес (АП). Телото на мажот било пронајдено од страна на друг турист на карпеста и тешко пристапна плажа на островот Матраки.

Претходно, американскиот турист бил пријавен за исчезнат од неговиот грчки пријател, каде престојувал за време на одморот. Полицијата била известена за неговото исчезнување откако тој подолго време не се вратил во апартманот каде бил сместен. Последен пат бил виден во кафуле во друштво на други туристи.

Како што пренесува АП, не се достапни повеќе детали за починатиот маж.

Ова е последниот од неколкуте неодамнешни случаи, како што пренесуваат странските медиуми, кога туристи исчезнале или загинале за време на нивното летување на некои од грчките острови.

Се претпоставува дека голем дел од туристите исчезнале откако тргнале да планинарат на високи температури.

Изминатиот викенд со помош на дрон на противпожарните служби било пронајдено телото на 74-годишниот холандски турист во провалија на околу 300 метри од местото каде што последен пат бил виден.

Познат британски водител, пак, бил пронајден мртов минатата недела на островот Сими, откако отишол на планинарење. И за него, како што пишуваат грчките медиуми, се смета дека починал како последица од голем напор при високи температури.

Претходно, уште двајца француски туристи беа пријавени за исчезнати на островот Сикинос. На островот Аморгос, властите сè уште трагаат по исчезнатиот 59-годишен турист, кого американските медиуми го идентидикувале дека пензионираниот шериф на округот Лос Анџелес.

Минатата недела Грција беше погодена од силен топлотен бран. Властите ги советуваа граѓаните и туристите да избегнуваат излегување надвор во попладневните часови, да избегнуваат алкохол, да не внесуваат премногу храна, како и да избегнуваат физички активности на отворено.

- Реклама -