Судскиот совет ја отфрли иницијативата од Антикорупциска за утврдување одговорност на членови на Управниот одбор на АСЈО

Членот на Судскиот совет, Тања Чачарова – Илиевска, истакна дека иницијативата на ДКСК за утврдување одговорност на членовите на Управниот одбор на АСЈО не е навремено доставена

Со девет гласа „за“ и два „против“ Судскиот совет ја отфрли како ненавремена иницијативата од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за утврдување на одговорност на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).

Иницијативата на ДКСК до Судскиот совет беше поднесена во мај годинава, а во соопштението објавено на веб-страницата на ДКСК, е наведено дека таа е поднесена поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.

Во доставената иницијатива до Советот, ДКСК бара утврдување на одговорноста на директорката, Наташа Габер-Дамјановска, претседателот Беким Мехмеди и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Членот на Судскиот совет, Тања Чачарова – Илиевска, истакна дека иницијативата на ДКСК за утврдување одговорност на членовите на Управниот одбор на АСЈО не е навремено доставена.

„На 11.05.2024 истекува рокот на оваа одредба за ДКСК да иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи. Дописот со кој ДКСК ја иницира постапката е од 23.5.2024, односно 10 дена подоцна и е неблаговремнена. Ако одиме по одредбите на нашиот закон за утврдување на навременост на одредено барање, тогаш е ненавремено“,

рече Чачарова – Илиевска на денешната седница.

Според членот Ивица Николовски, доколку Советот одлучи дека иницијативата на ДКСК е навремено доставена, тогаш ќе отвори постапка, а тоа не е во рамките на неговите законски надлежности. Како што рече Николовски, Советот не смее да утврдува одговорност на судии и „се знае на кој начин и во каква постапка се утврдува одговорност на судии“.

„Ние никако не можеме мериторно да одлучуваме, туку тоа би било евентуално ако оваа иницијатива е ненавремена, односно Советот смета дека е навремена, тогаш значи ќе отвори постапка. Постапка за одговорност на судии знаеме како изгледа и е предвидено во нашиот Закон. По овие укажувања од страна на овој орган, ние апсолутно не смееме да утврдиме одговорност, се знае на кој начин и во каква постапка се утврдува одговорност на судии“,

рече Николовски.

На 6 април до Антикорупциската комисија беше доставен приговор од тогаш кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, а сега и шефица на државата, по победата на изборите, дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Приговорот од Сиљановска-Давкова беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.

На 19 април со четири гласа „за“ и еден „против“, Антикорупциска повторно одлучи во корист на кандидатката за претседател Гордана Сиљановска-Давкова и ѝ предложи на АСЈО да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите.

Одлуката повторно се најде пред Управниот суд, кој овојпат одлучи да ја потврди одлуката на антикорупционерите и да ја отфрли жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители.

Аргументите на Академијата за судии и јавни обвинители, кои пред Антикорупциска ги бранеше директорката на АСЈО, беа дека станува збор за јавен оглас за прием во почетна обука, а не за работно место и не за вработување.

- Реклама -