Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов нагласува дека состојбата со пожарите на отворен простор повторно се влошува. Апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни за да не предизвикаат пожар.
-Доколку забележат сомнително поведение, молам веднаш да пријават на 112 или на некој другар, пријател или познаник кој информацијата ќе ја пренесе во МВР, изјави Ангелов.
Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало 37 пожари на отворен простор, од кои 29 се изгаснати, три се ставени под контрола, а пет се се уште активни. Активни пожари има во општина Студеничани, над селото Црвена Вода, кај месноста викана Крста, во општина Штип, кај месноста викана Јамуларци, во близина на Пенуш и воениот полигон Криволак, во општина Дебар кај селата Татар Елевци и кај Могорче. Во општина Чашка активен е пожарот кон село Степанци и месноста викана Кадиица, на граница меѓу Општина Чашка и Општина Долнени, каде гори мешана шума.
Како што информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), од дождот е изгаснат пожарот во Општина Чашка, на планината Мукос, во атарот на село Оморани.
Под контрола е пожарот на планината Галичица, место викано Зли Дол, на територија на Општина Охрид, каде тлеат трупци од претходниот пожар. Пожарот на ресенска страна е изгаснат од дождот. Под контрола е пожарот и во Општина Желино, кај село Мерово и во Општина Ново, каде гори депонијата.
Изгаснати се четири пожари во општина Прилеп, два во општина Јегуновце, во општините Кичево, Теарце, Ново Село, Велес. Изгаснати се по два пожари и во општините Гостивар, Центар Жупа, во Бутел, Сарај, Чучер Сандево, Петровец …