Свечено доделување на наградата „Анте Поповски – Антево перо“ 2024 година

На трети октомври (четврток), со почеток во 19:30 часот, Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје ќе биде домаќин на главниот настан од седмото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Вечерата ќе започне со кус видео-рецитал, во кој присутните ќе имаат можност да го слушнат оригиналниот глас на Анте Поповски, како и изведби на негови песни од познати артисти. Програмата ќе ја води м-р Митра Мими Спасова, која ќе ги претстави клучните аспекти на конкурсот за оваа година.

По естетските вредности на збирките на добитниците на традиционалните поетски награди „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“ ќе говори членот на жири-комисијата, д-р Атина Цветаноска, по што ќе следи врачувањето на наградите. Публиката ќе ужива во поетско читање, каде што ќе се претстават шестмината лауреати на годинашниот конкурс.

Како дополнителен дел од вечерта, проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска ќе се осврне на 60-годишнината од излегувањето на стихозбирката „Непокор“ и 40-годишнината од излегувањето на „Сина песна“ од Анте Поповски, еден од најзначајните македонски поети.

На крајот на настанот, посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат постојаната музејска поставка на лични предмети на Анте Поповски и Матеја Матевски, која неодамна беше отворена во Музејот на македонската борба за самостојност.

- Реклама -