Самит на „Македонија 2025“: Потребен е едногласен консензус за патот до просперитетот и една визија за забрзан раст

На годинешниот самит, како што соопштија од организацијата, ќе се отворат и темите за зголемување на регионалниот развој и просперитет, а ќе се слушнат искуства и за раководењето и растот на семејните бизниси и примената на вештачка интелигенција

Без оглед на политичките разлики, на тешкотиите и болките низ кои минавме, на грешките од минатото – дали се тие вистински или се перцепција, сега е моментот за голема промена.

Ова денеска го порача претседателот на Одборот на директори на невладината организација „Македонија 2025“, Мајкл Чкламовски на отворањето на 13. по ред издание на Самитот на организацијата, кој се одржува денеска и утре во Скопје.

Претседателот на Одборот на директори на невладината организација „Македонија 2025“, Мајкл Чкламовски / Фото: „Македонија 2025“

На самитот, како што соопштија од организацијата, учество ќе земат 50 говорници во 12 панел-дискусии, а не него ќе присуствуваат и над 500 претставници на домашни, регионални и компании од дијаспората, како и експерти и лидери.

„’Македонија 2025’ е посветена да биде дел од ваквата промена, да се посвети на економскиот развој и раст на земјата и да ги дава своите совети, со сета вредност и со сета моќ која ја имаат нејзините лидери, без оглед каде се наоѓаат во светот“,

рече Чкламовски во своето обраќање при отворањето на самитот.

Потсетувајќи на досегашниот придонес на организацијата за економскиот и општествениот напредок на земјава, извршната директорка на „Македонија2025“, проф. Никица Мојсоска-Блажевски, во своето воведно обраќање тие повикуваат на едногласен консензус на патот до просперитет, односно споделување на една визија за забрзан раст.  

„Фундаментите на оваа визија се: нулта толеранција за корупција преку транспарентност, систем базиран на заслуги и лична одговорност, континуиран раст на БДП над 5% годишно преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ“,

рече таа.

Од обраќањето на извршната директорка на „Македонија2025“, Никица Мојсоска-Блажевски / Фото „Македонија 2025“

Во фокусот на годинешниот самит е стратегиското лидерство во ерата на брзи промени кои наметнуваат потреба од поголема конкурентност, преку иновации и дигитална трансформација на општеството и во водењето на бизнисите.

„Во програмата на годинешниот самит всушност се опфатени клучните приоритети од вкупната програма за просперитетна иднина на ‘Македонија2025’. Сметаме дека иновациите и новите технологии се клучниот начин како да се остварат целите на оваа програма и затоа голем акцент на овој самит е посветен токму на тоа иновациите и новите технологии кои можат да помогнат во развојот на домашните компании и нивната конкурентност и со тоа да придонесат за вкупниот економски развој на државата“,

изјави Васко Кроневски, заменик-претседател на Одборот на директори на „Македонија2025“.

На годинешниот самит, како што соопштија од организацијата, ќе се отворат и темите околу зголемување на регионалниот развој и просперитет, а ќе се слушнат искуства и за раководењето и растот на семејните бизниси и примената на вештачка интелигенција. Дополнително, ќе се обработат и теми поврзани со глобални стратегии за привлекување странски инвестиции, демократијата и слободата на говорот во дигиталното време, како и за корупцијата како инхибитор на просперитетот.

„Меритократијата, борбата против корупцијата, начините како да се зголеми извозот и како да се зголеми квалитетот на образовниот систем се некои од темите на овој Самит кои се исклучително важни за нас и треба да придонесат за постигнување на крајната цел – остварување на најмалку 5% годишен раст на бруто националниот доход што е неопходен за да може државата полека да фати економски приклучок со сите останати земји во регионот и пошироко“,

оцени членот на Одборот на директори на „Македонија2025“, Живко Мукаетов.

Членот на Одборот на директори на „Македонија2025“, Живко Мукаетов / Фото: „Македонија 2025“

Во рамки на самитот, покрај двата конференциски дена, ќе се организираат и пет предавања и работилници на високообразовните институции во земјава и пет работилници со компании и институции на кои ќе присуствуваат говорниците од самитот и членовите на Одборот на директори на „Македонија2025“.

Претставници на „Македонија 2025“ остварија средба и со новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиниот Кабинет.

На средбата тие ги претставиле целите и активностите на организацијата, а разговарале и за идната меѓусебна соработка.

- Реклама -