Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.
За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2023 година и 30 јуни 2024 година.
Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).
Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевно-уметнички видови: проза, поезија и драма.
Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи.
Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.
Конкурсот е отворен до 1 јули 2024 година.
Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.
Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на имејлот redakcija@antolog.mk.
Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари.
Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“.
Новина годинава е што првпат наградата ќе содржи и паричен дел кој ќе изнесува во бруто износ од 30.000 денари.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик во 2023 година ја доби Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на издавачката куќа Артконект. Комисијата за доделување на наградата во состав: Јана Михајловска, Лидија Капушевска-Дракулевска и Милан Дамјановски, реши да му се додели и специјална признание-плакета за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски на Никола Ѓелинчески за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации. Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик за 2023 година беше доделена на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.