Андоновски: Поделбата на МИОА не беше направена за ЗНАМ да добие уште еден ресор, дигитализацијата ни е стратешка цел

Министерот за дигитална трансформација вели дека поделбата на МИОА била најавена од Христијан Мицкоски уште во ноември минатата година

Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“ кое се емитува на МРТ 1

Потребно беше дигиталната трансформација да се одвои од администрацијата во посебно министерство, бидејќи дигиталната трансформација е стратешка определба на оваа влада и ние тоа го разгледувавме уште во ноември минатата година кога ја подготвувавме програмата.

Ова е ставот на министерот во новиот ресор Стефан Андоновски искажан во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Андоновски додава дека сѐ уште се работи на целосна поделба, но дека се при крај.

„Започнавме заедно со колегата Минчев вонреден попис на сите позиции – инфраструктура, инвентар, канцеларии итн. И во исто време, работиме на поделба и категоризација на вработените. Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа препознава три категории на вработени во рамките на поранешното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА). Едната категорија којашто работи во секторите поврзани со администрација, другата категорија којашто работи во секторите поврзани со информатичките технологии и третата категорија во којашто се помошни сектори. Овие помошните, законот вели треба да се поделат 50-50 во двете министерства“,

изјави Андоновски.

Прашан дали претставува проблем тоа што измина 30-дневниот законски рок во кој требаше да заврши транзицијата, Андоновски одговори:

„Законот предвидуваше 30 дена од стапувањето во сила, но настана еден правен вакуум затоа што Владата не беше формирана уште 15 дена. Што значи дека ние имавме 15-ина дена, но кон крај сме со поделбата и мислам дека со ребалансот на Буџетот, затоа што мора да се предвидат средства во ставките на Министерството за јавна администрација, ние ќе го завршиме процесот“.

Со поделбата и формирањето на новото Министерство за дигитална трансформација, кај Андоновски ќе бидат вработени околу 160 лица, додека во Министерството за администрација, со кое раководи кадарот на ЗНАМ, Горан Минчев, ќе има 60 вработени.

Одговарајќи на прашањето на „360 степени“ дали раздвојувањето на МИОА е политичка одлука, а не одлука базирана на потребата за подобра функционалност, министерот Андоновски вели дека токму стратешкиот елемент кој му се дава на неговото министерство, барал поголема фокусираност.

„Нашата идеја беше клучните, стратешки ресори, а дигитализацијата е поставена како стратешки приоритет на оваа влада, да добијат свој ресор за да може тој функционално, целосно, да се посвети на задачата која му е дадена. Затоа што примерите покажуваа дека од спојувањето на администрација и информатичко општество, тие беа разделени во минатото, фокусот се префрлил исклучиво на администрацијата. И овој дел на дигиталната трансформација останал некако запоставен“,

образложува тој.

Прашан дали со поделбата на МИОА се бараше ресор плус, за коалицискиот партнер ЗНАМ да не остане со еден, министерот одговара дека премиерот Христијан Мицкоски ја презентирал оваа идеја во ноември минатата година, пред изборите.

„Предлагач на овој закон е претседателот Мицкоски и мислам дека тој во својата идеја најдобро може да ја објасни причината за постоење на овие министерства, но можам да ви кажам дека уште од ноември месец, кога првпат започнавме со подготовка на програмата за избори, неговиот став беше дека администрација треба да се одвои од дигиталната трансформација и фокусот да биде на тоа Министерство на дигитална трансформација, така што не би рекол дека е политичка одлуката“,

одговори министерот Стефан Андоновски.

- Реклама -