Велика Сабота, денот меѓу смртта и воскресението

Велика Сабота е ден на покојот, ден на покојникот, ден на најголемиот покој и на најголемиот покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.

Денот на големиот покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк.

Ова е денот на оплакувањето на покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица.

Велика Сабота е определена како ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението.

Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето.
Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение.

- Реклама -