Вредностите кои се пренесуваат преку бајките го издржуваат тестот на времето – лошите се казнуваат, праведните се наградуваат, а сите добиваат втора шанса, тврдат германски академиции кои по 40 години работа составија Енциклопедија на бајки.
Денес бајките повеќе се почитуваат отколку што било до пред некое време, тврди Ханс Јорг Утер (70), еден од уредниците на енциклопедијата.
„Ние сме заинтересирани за разликите и сличностите меѓу приказните во различни култури“, рече Утер за агенцијата ДПА по завршувањето на 14-тата книга на енциклопедијата, плод на голема работа, составена од повеќе од четири илјади статии.
„Вредностите кои се наоѓаат во јадрото на бајките едвај да се менувале во текот на вековите“, додал тој, иако нагласува дека сите приказни не извираат од древната форма на раскажувачка традиција. Некои од нив се авторски дела напишани во последните два века.
„На пример, бајките често покажуваат дека секој заслужува втора шанса. А, често и скромни аутсајдери се претвораат во вистински јунаци“, вели тој.
Утер бајките ги претворил во свој животен труд во текот на академската кариера на универзитетот во Есен и Готинген, каде е направена најголемата работа во составувањето енциклопедии.
Темата која е најверојатно најмногу заедничка на поголем број кулутри е таа за борецот против змејот, кој го покорува цело непријателско опкружување, симболизирано преку змејот, раскажува Утер. Во поголемиот дел од светот, змејот е чудовиште со негативни карактеристики, освен во Азија.
За змаевите пишувале и браќата Грим, но никогаш тие приказни не ја достигнале популарноста на Снежана, Пепелашка и Црвенкапа.
Утер има објаснување и за тоа што маќеите имаат толку лоша репутација во приказните на браќата Грим – децата од првиот брак на татковците имале предност во наследството.
А насилството со кои обилуваат бајките има своја цел – тоа е таму за оние кои правеле зло да ги стигне правдата.
Со текот на времето, бруталноста во некои бајки е потисната. На лошата полусестра на Пепелашка повеќе не и се отсекуваат прстите и петите на нејзините грди стапала за да биде точно чевличето.
А и во голема мерка оправданата феминистичката критика за претставувањето на жените во бајките, било да станува збор за невозможните лоши вешерки или за невозможните доблесни принцези, исто така се намалува, тврди Утер.