Дури и никогаш да не сте стапнале во САД, сигурно сте гледале барем три филма со сцени од прослава за Денот на благодарноста.
Зарем некој може да ја заборави сцената во серијата „Пријатели“, кога Џои одеше со сурова мисирка на главата?
Општиот впечаток добиен од овие сцени, е дека Денот на благодарноста е проследен со многу јадење, вечни проблеми со печењето на мисирки и неизбежни расправии со роднините.
И не е сосема погрешно. Денот минува главно во уништување на тони храна, водење љубезни разговори со роднини кои ги гледаат само на ДЕНОТ на благодарноста и прошетка во соседството, за да слегне мисирката и се отвори место за финалето на вечерта – пита од тиква.
Нема бучни драми, нема ни откривање на големи семејни тајни, како што по дифолт се случува во холивудските сценарија.
Ако сте малку збунети што точно слават Американците на Денот на благодарноста, не сте единствените. Американците исто така не се многу свесни која точно е смислата, потеклото и традицијата на празникот.
Секоја година, на пример, локалниот печат посветува долги статии за да ги одгатне најтврдоглавите митови околу Денот на благодарноста. Дури и Washington Post направи цела анализа околу празникот, но секогаш, на форумите одоздола има стотици изненадени или навредени од изнесените информации („Глупости! Ова е само мислењето на авторот!“).
Еве на пример неколку најраспростанети заблуди:
– За време на првото празнување во 1621 година во Масачусетс, домородните жители јаделе мисирка.
– Денот на благодарноста се слави секоја есен од 1621 година – досега.
– Традицијата на американскиот претседател да „помилува“ една од купените мисирки за гозба во Белата куќа е многу стара, започнува уште од Абрахам Линколн, но е одобрена од Хари Труман.
Историската вистина е малку поинаква.
Празниците кои што ја одбележуваат бербата и почетокот на зимата постојат во многу култури и религии во светот. Домородното население на Северна Америка исто така има слична традиција. Дури и пред легендарната гозба во 1621 година во Масачусетс, во шпанските колонии на југ го прославувале свои денови на благодарноста, за што оставиле и пишани извори.
Протестантската секта на пилгримите која се насели во Масачусетс во почетокот на 17 век, ја пренесува со себе традицијата од времето на Англиската реформација – големите победи и достигнувања да се истакнуваат со масовни гозби и молитви.
Некои историчари сметаат дека модерниот Thanksgiving има повеќе холандски корени. Пред да тргнат кон Новиот свет, пилгримите емигрираат прво во протестантска Холандија и можеби таму ги виделе традиционалните празнувања во октомври за спасувањето на градот Лајден од опсадата на шпанската армија во 1574 година.
Во 1621 година младата колонија решава да ја слави добрата жетва. На трпезата се поканети и соседите – домородното население на сегашната држава Масачусетс од племето Вампеног. За менито не е познато многу, освен тоа дека имало дивеч. И така се славело се до 1863 празнувајќи големи настани.
Модерниот Ден на благодарноста е плод на фантазијата и напорите на една жена – Сара Џозеф Хејл, издавач на популарното списание во раниот 19 век Godey’s Lady’s Book.
Таа е жената што еднаш ја прочитала историјата за гозбата во 1621 година, па понесена од идејата за чисто американски празник започнала масовна пропаганда. Затоа и мисирката како „исконско американска птица“ станува центар на менито.
Кампањата на Хејл се здобива со успех кога претседателот Абрахам Линколн го прокламира четвртиот четврток во ноември за национален празник.
Приказната со “помилување” на мисирки во Белата куќа е исто така измислена. Линколн навистина еднаш спасил – по инсистирање на својот син Тад, една птица од ножот на готвачот, но тоа не било за Денот на благодарноста, туку за Божиќ.
Во 2007 година весникот Washington Post направи голема истрага низ документите на администрацијата на Труман и докажа дека таму нема податоци за ниту една преживеана мисирка.
Новата омилена традиција на Американците доаѓа од 1987 година, сосема случајно.
Пред Денот на благодарноста Роналд Реган сака да избегне новинарски прашања дали ќе го помилува Оливер Норт, и тој на шега одговара дека ќе помилува мисирка. Потоа Џорџ Буш постариот го претвора моменталниот изговор во годишен ритуал.
Митовите кои еден народ сака да ги раскажува за себе, сепак не се за потценување. Бидејќи дури да не содржат многу вистина, тие ги откриваат комплексите и слабостите, божем прикриени со идеализација.
Во американскиот случај, создавањето на култ и идеализирана претстава за домородното население и белите доселеници седнати на една маса во 1621 година, е верзијата на приказната која многу луѓе во САД би сакале да беше вистина.
Но, за жал, реалната е крвава и уништувачка за Индијанците.
Денес во Америка живеат едвај 6.500 наследници на некогашното многубројно племе Вампаноаг, чии членови учествувале во првиот Ден на благодарноста во Масачусетс.
Менито од мисирка, слатки компири, сос од црвени боровинки и пита со тиква е строго почитувана, речиси сакрална традиција, бидејќи како нова нација Америка нема многу такви. Тоа е и причината зошто многу луѓе не можат да поверуваат дека “помилувањето” е нов ритуал.
А традиционалните молитви и благодарност за сè што имаат денес, им помагаат на Американците барем на еден ден да заборават дека живеат во модерно, динамично и пред сè потрошувачко општество.