Фичо ќе подготви погача со фил од сирење и рукола, со интересна плетка како снегулка.
Подготовка
Чекор 1: Во 100 мл млако млеко ставете 20 грама свеж квасец, 1 лажичка шеќер и прстофат брашно за квасецот побрзо да се развие.
Чекор 2: Во сад за матење просејте го брашното, додадете ги солта и шеќерот, потоа млекото, стасаниот квасец и на крај маслото. Замесете мазно тесто и оставете го да стаса 30 минути.
Чекор 3: Додека стасува тестото, подгответе го филот. Крем сирењето ставете го во сад за матење, додадете ја сецканата рукола и белката од јајце. Мешајте да се соединат.
Чекор 4: Размесете го тестото и поделете го на четири топчиња. Секое топче расукајте го во кора и премачкајте го со филот. Корите наредете ги една врз друга и последната кора не ја премачкувајте со фил.
Чекор 5: Со помош на шолја одредете ја средината и поделете на 16 дела. Секој дел го превртувате по два пати и ги спојувате две по две. Погледнете го видеото.
Чекор 6: Премачкајте ја снегулката со жолчката и печете 10 минути на 200 степени и уште 10 минути на 180 степени.
СОВЕТ: Од истото ова тесто и плетка може да подготвите и слатка погача со фил од чоколаден крем или џем, наросена со шеќер во прав.