Видео рецепт: Ќофтиња од компир со фил од пилешко

Надица ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Ќофтиња од компир со фил од пилешко .

Одлична комбинација на ќофтиња од пире, полнети со фил од пилешко и зачини. Има повеќе чекори на подготовка, но вреди да се проба.

Подготовка

Screenshot_2

Чекор 1: Сварете ги компирите во Смарт лонецот.

Проварете го пилешкото месо десетина минути во посолена вода.

Сварете го и јајцето, и растворете ја коцката за супа.

Чекор 2: За подготовка на филот исечкајте го ситно кромидот и пропржете го на маслиново масло. Додадете го свареното пилешко, поделено на ситни парченца и додадете ја растворената коцка пилешка супа. Оставете да покрчка додека не испари водата, а потоа посолете и наросете бибер по вкус. Додадете ситно сечкан магдонос, мајчина душичка, исечканото варено јајце и сувото грозје. Промешајте и оставете на страна.

Чекор 3: За подготовка на пирето додадете го путерот и жолчката од јајцето во компирите и мешајте со миксер додека смесата не се изедначи.

Чекор 4: Со лажица земете од пирето и ставете на набрашнета маса. Натапкајте со рака, на средината ставете го филот и направете ќофтиња. Извалкајте ги во брашно промешано со малку сусам. Нам ни излегоа 15 парчиња.

Чекор 5: Загрејте го маслото и ставајте ги да се потпржат, па внимателно превртете ги бидејќи се меки. Пржете ги кратко, готови се кога ќе заруменат. Извадете ги на хартија да се впие маснотијата, па сервирајте и декорирајте по желба.

СОВЕТ: Овие ќофтиња се и одлична основа за убав, домашен сендвич – со сосови и свеж зеленчук.

- Реклама -