Шарл Пјер Бодлер е еден од најголемите и највлијателните француски поети на XIX век. Исто така, тој се истакнал и во полињата на преведувачката и критичарската дејност.
Шарл Бодлер е роден во Париз, на 9 април 1821 година. Татко му, висок државен службеник, починал кога Шарл имал 6 години. Веќе следната година мајка му ќе се премажила за висок воен службеник, кој подоцна ќе стане и француски амбасадор. Иако оваа венчавка на мајка му ќе му овозможи на Шарл добар живот и добро образование, тој тоа тешко ќе го поднесе влегувајќи во чести кавги со неа и со очувот. Се школувал во Лион, каде што е испратен од очувот во строг интернат, со кој е присилен да биде одвоен од мајка му, за која бил премногу врзан. Во училиштето некогаш е вреден, некогаш незаинтересиран, но секако не е според мерилата на очувот, кој за него планира дипломатска кариера.
Веќе на 18 години Бодлер ги пишува првите песни и посетува боемски места, проститутки и добива сифилис. Се задолжува и води неуреден живот, трошејќи ги парите што очувот му ги дава. По препорака од лекарот, родителите го испраќаат на пат околу Африка и Индија, во животно училиште. Бодлер набргу го троши и наследството од очувот, и почнува да живее од пишување и објавување. Хонорарно ги преведува и приказните на Едгар Алан По, за да ги врати долговите. Пишува есеи и критики, а со смелиот тон го привлекува вниманието на публиката. Пишува и песни, но тоа е поезија шокантна за тоа време по деталите, нова е, па тешко наоѓа издавачи. Првата збирка „Цвеќе на злото“ повеќе пати се обидува да ја објави и кога најпосле успева, во 1857 година, неговиот издавач и тој се судски парично казнети, а од книгата морале да се исфрлат 6 песни. Самиот Бодлер за оваа денес прочуена збирка, која содржи 129 песни, рекол дека се обидел во злото да ја препознае убавината и дека пишувал „уметност поради напредок“, алудирајќи на ларпурлартизмот на тоа време. Сметал дека сиромашните до пороци ги довела буржоазијата, која зад сјајот криела морална расипаност и духовна пустош. Затоа неговата поезија е интелектуална, бунтовна, критика на општеството. Француската Академија го одбива делото на Бодлер, но затоа пак тој ги „маѓепсува“ поетите на својата генерација, кои го прифаќаат, но до некаде и не го разбираат.
Бодлер и понатаму живее боемски живот, често оди во бордели, а љубовта со мулаткињата Жан Дивал („црна Венера“), проститутка што играла и во еден локален театар, му носи нови тешкотии, особени финансиски. На Жан Дивал ѝ помагал до крајот на животот, иако нивните односи често се прекинуваат. Животот на париското дно, опиумот и нарушеното здравје донесуваат до тоа повторно да живее со мајка му, во мирно опкружување надвор од Париз, каде што продолжува да пишува. Но поради незадоволството што француската јавност не го прифаќа така како што тој посакува, по новата финансиска криза кога неговиот издавач Пол Малазис банкротира, Бодлер ја напушта Франција и заминува за Белгија, делумно во надеж дека може да ги продаде авторските права и да држи предавања. Меѓутоа, во Брисел, покрај опиумот му се препушта и на алкохолот, и постојано е пијан. Таквиот живот и тешкотиите го водат до силен мозочен удар во 1866, по кој останува парализиран. Последните две години од животот ги поминува полупарализиран во Брисел и Париз, каде што умира на 31 август 1867 од последиците на долгогодишниот сифилис, со помрачен ум и во тешки маки. Погребен е во Париз. Многу негови дела се објавени по неговата смрт.
Гробот на Бодлер
Шарл Бодлер во својата поезија, како што и велеше, го внесе своето срце, целата своја нежност и својата омраза. Зборуваше дека неговите песни се исповед за животот и луѓето, и дека во процесот на потполната хуманизација голема улога има токму поетот. Поетите Рембо, Маларме и Верлен го сметале за свој предводник, а во 20 век, мислителите и поетите како Шејмус Хини, Жан Пол Сартр и многу други го славеле и го величеле Бодлеровото дело.
Денес се смета за еден од најголемите поети на своето време, како и за татко на францускиот симболизам.