Спомени од едно време: Бушава азбука

Кога и да ја споменам бушавата азбука, секогаш се присетувам на онаа информативна и културна програма што очајно им недостасува на најмалите денес.

Замислете екраните се толку моќен медиум, што едно телевизиско шоу своевремено успеа да описмени неколку генерации, и тоа сосема. Лично знам, и нескромно сум едно од децата што научија да читаат уште пред прво одделение, а тоа не беше реткост, генијалност или некој посебен талент, туку умешно погодена програма за деца која што знаеше како да го искомбинира едукативносто со занимливото и одличната музика.

ба2

Да им објасниме на помладите, Бушава Азбука е македонска детска програма продуцирана со помош на МРТВ во 1985 со авторите Горан Стефановски и Слободан Унковски, со музика од Леб и сол и Ана Костовска. Програмата е насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку медиумите на музика, цртан филм. Вкупно има 31 епизода со просечно траење од 29 минути, посебно посветени на буквите од македонската азбука.

И ајде да направиме една паралела низ годините. Размислете постои ли денеска квалитетна ТВ програма која ги задоволува сите критериуми за децата?

бушава

Тие од мали гледаат турски серии, видеа со отсекување на човечка глава во ударно време, реални шоуа од типот на Големиот брат, локална политика наменета за целата публика. Програмата на телевизиските екрани чиниш сè повеќе наликува на социјален експеримент, зашто ако на еден народ од мали нозе му ја одземеш можноста за културно калемење, не ќе му остане потребата од проширување на видиците – да ги истражува билките, да чита книги, да дознае кој е Влатко Стефановски, да одгатнува гатанки, да им даде слика на симболите – сето она на кое што нас нè учеше Бушавата азбука.

Тв програмите како „Бушава азбука“, треба да постојат, треба да се инвестира во слични на нив за да се докаже моќта на телевизијата како дел од воспитувачките методи што ја даваат основата за градење на една зрела личност.

Да се потсетиме на бушавите денови 🙂

- Реклама -