Изминативе денови во фокусот на јавноста е смртта на малата Ева Крстановска, која почина поради редок вид леукемија.
При крајот на јуни, нејзиното семејство до ФЗОМ поднело барање за дозвола за лекување на девојчето во странство. Од Фондот исконтактирале со повеќе болници каде лечењето е изводливо, меѓу кои и германска болница Бисен.
Некои медиуми наведоа дека намерно не била избрана оваа болница, но на денешната прес-конференција, директорот на ФЗОМ, Ден Дончев, кажа дека воопшто не ни пристигнала понуда од оваа болница.
Дончев потврди дека биле добиени понуди од две турски и една италијанска болница. Била избрана една од турските болници, но родителите на Ева одбиле и поднеле приговор на одлуката.
Исто така, девојчето било во многу тешка и животозагрозувачка состојба, но и покрај тоа, бил поднесен приговор по кој мора да се постапува, иако се работело за случај со висока итност.
– Баравме понуди од голем број клиники, вклучувајчќи ја и германската, но добивме само три поинуди. Во конкретниот случај не беше избрана најевтината цена – вели Дончев.