Кога ќе почувствуваме дека некој наш пријател е под стрес или е загрижен, често го прегрнуваме, за да го увериме дека сè ќе биде во ред. Излегува сепак, дека таквото однесување не е својствено само за човекот, туку и кај некои животни, пренесува „Сајанс дејли”.
Најново истражување открива дека азиските слонови се впуштат во допир и звуци, за да ги утешат своите пријатели – слончиња, кога се под стрес. Биолозите знаат дека слоновите се интелигентни животни, кои долго тагуваат и се обидуваат да се одмаздат, ако член на семејството им е убиен, но за прв пат е забележано сочувството како нивна особина.
„Кога станува збор за тешење, досега мислевме дека човекот е уникатен“, изјави раководителот на истражувањето Џошуа Плотник од Универзитетот Емери во Атланта.
Неговите претходни истражувања покажаа дека слоновите можат да се препознаат, гледајќи се во огледало, и да работат заедно за решавање на даден проблем.
Новото истражување опфатило 26 азиски слонови, кои живеат во парк за слонови со површина 30 хектари во Тајланд. Научниците откриле дека кога еден слон покажува знаци на стрес, се доближуваат неговите „домашни“.
Некој од нив ја става сирлата во неговата уста – што е слонската верзија на ракување или прегратка кај луѓето. Притоа тие испуштаат чудни и тажни звуци, што не се својствени за ниту една друга ситуација.
Емпатијата е набљудувана исто така меѓу големите мајмуни, кучиња и некои видови на птици.