Ноќен живот во Скопје во 90-тите и денес. Многу разлики, помалку сличности.
„Беше како бајка“, „Без нафурани фаци“, „Подобри журки“ вака коментираат оние кои се забавувале и кои го искусиле ноќниот живот во Скопје во деведесеттите. Сачмо, МНТ, Уна, Менс, Метропол, Академија, Аполон, Балет, Корнер, Лејди Блу, Булевард, Ла Гараж, Елемент, Аха, Континент, Сабвеј, Стоби, Змија, Златна Ружа, Мусандра, Тунел, Универзум, Шевињон, Кабрио, Ринг…биле местата за забава и за покажување на танцувачките способности на хитовите од Куку леле, Ристо Бомбата, Др. Дре, Ем-си Хамер…
Многумина од оние што излегувале по овие места за денешните дискотеки ќе речат дека се помалку забавни. Велат денешните журки не можат да се споредат со тие од 90-тите, и тоа од повеќе причини – подиумите се празни, се излегува само за да бидеш виден, на едно место ќе го видиш колегата на мајка ти и внукот на комшијата кој само што славел полуматура.
За “убиец“ на ноќниот живот во Скопје го прогласуваат и законот што се воведе за работа на кафаните и кафулињата до 12 и за викенд до 1 часот. “Таман тргнала работата со пиење, со расположение, кога палат светло да си одиш. Од таму се упатуваш до дискотека, гужва до врата, па само со резервации, дошло два саат, успеваш да влезеш, гужва да не правиме муабет, не можеш да стоиш, а не па да заиграш, едно десет пати чувствуваш туѓа нога врз твојата, доаѓа три, си одиш разочаран“, ова е класичната викенд приказна на многу скопјани.
Финансиската криза удри и по ноќниот живот. Порано поактуелни беа и гратисите, а и таксито беше поевтино. Меѓу младите често се води овој муабет: “Денеска нема да излезам. Немам пари. Такси ќе ме фати 200 денари (оние што живеаат подалеку од Центар), треба да седнеме некаде пред да одиме во диско, за таму ќе ми требаат пари, за влез во диско уште 150, без илјадарка не сум. Ај подобро да седиме дома“, клише муабет, но реален. Пред 15,20 години ретко за викенд кој седел дома и гледал Џандар збира ( за потсетување ултрапопуларното шоу во тоа време).
Секако дека и денес може да се помине убаво една вечер во Скопје, а ако е зачинета со алкохол уште подобро. Ние што сега го доживуваме ноќниот живот не можеме да кажеме дали е подобро или полошо отколку во 90-тите, но ќе им веруваме на постарите. За 20 години отсега и ние ќе правиме вакви паралели и ќе бидеме веродостоен извор за вакви приказни што ќе им ги раскажуваме на помладите.
Во чест на 90-тите, настрана од ноќниот живот, за понеделнички да ни тргне неделата со насмевка и спомени: