Мејк ап трендовите за претстојната сезона пролет/лето 2013-та воглавно се одбележани во духот на шеесеттите и инспирирани од големите модни куќи како Луј Витон и Шанел.
Главната улога ја играат очите, кои се изразени и истакнати со црн туш. Црната линија се протега низ целиот долен дел на окото како и на горните капаци, кои се збогатени со темни сенки, како на моделите на Марк Џејкобс. Дискретни зелени или розеви нијанси на сенка се исто така дозволиви. Очите дополнително ќе дојдат до израз со подзатемнети, здебелени и убаво обликувани веѓи.
Кожата треба да изгледа бледо но свежо, а усните да бидат речиси незабележливи, во боја на тенот, или со некоја бледо розова или црвена нијанса на кармин, збогатена со сјај. Очите треба да ги красат густи и раскошни трепки, кои можете да ги добиете со помош на неколку слоја маскара.
Истакнатите очи, црниот туш и бледите усни се тренд кој со сигурност ќе продолжи и наредната сезона, а како што можете и самите да забележите, ретро изгледот и не е така тешко да се постигне.