Moonrise Kingdom e филм од 2012 година, во режија на Вес Андерсон.
Дејствијата во приказната се одвиваат околу млада група на луѓе – извидници од кои момче и девојче ќе ја доживеат својата најголема авантура.
Тие ќе се сретнат откако момчето ќе избега од извидничкиот камп и заедно ќе бараат место на кое што ќе планираат да живеат и да ги искусат своите длабоки емоции, далеку од очите на нивните тажни семејни судбини.
Овој настан ќе предизвика низа непредвидливи околности и потрагата по нив ќе започне…
Интересно во филмот е што сите ликови меѓу децата се луѓе, во вистинската смисла на зборот. Со чувство за вистинска љубов, праведност, истрајност кон целта, храброст, безрезервна помош…Особини кои додека ги гледате за момент заборавате дека следите филм со деца и имате целосно измешани емоции поради поместувањата на моралната граница и желбата да се успее во бунтовничката идеја и да се сочуваат вистинските вредности во животот.
Режисерот, годинава актуелен по „Гранд хотел Будимпешта“, Вес Андерсон е клуч за разбирање на целата негова кино естетика. Режијата му е со осврт кон хируршката прецизност, кон совршена симетрија и се карактеризира со математичка пресметка на секоја рамка. Без никакво сомневање Вес Андерсон би можел да најде место и во архитектурата, како што и самиот признава. Апсурдната сериозност на ликовите и необичниот сарказам и хумор се заштитен бренд на авторот и на овој феноменален филм.
Во актерската екипа има ѕвезди како Едвард Нортон, Бил Мареј, Брус Вилис… Филмот оправдано потврдува зошто Андерсон е познат како „Селинџер на киното“, а доколку сакате да уживате во приказна, сцена, актери, бои, пуштете го овој филм уште денеска.