Филмовите, посветени на реално постоечки лица и настани, се едни од најтешките за создавање. Особено кога во центарот стои една фигура и приказната се одвива околу нејзиниот живот. Тоа значи целосно посветување на режисерот – рамо до рамо со задачата да ги реплицира времето и реалноста од минатото; на актерот – избран за основа, столб и душа на филмот; на сценаристот – авторот кој ги доверува текстот и историјата на луѓе кои може и да згрешат, и на продуцентите, кои ги проверуваат сите опции, за да се сигурни во резултатот и ја вложуваат сета своја енергија за да реализираат еден проект во кој веруваат безрезервно.
Двајцата продуценти Нора Гросман и Идо Островски, за кои реализацијата на овој проект се претвора во мисија, решаваат да ги откупат правата за екранизација на книгата на Ендрју Хоџ ” Alan Turing: The Enigma “- биографија, во која присуствуваат емоционални елементи од животот на Алан Тјуринг, соединети во прекрасен баланс со неговиот значаен придонес кон математиката, науката и политиката “. Двајцата биле инспирирани од историјата на исклучителниот британски математичар и специјалист за криптологија, сметан за татко на теоретската информатика и теоријата на вештачката интелигенција, творец на познатата „машина на Тјуринг” – апстрактен модел на компјутер со општа намена.
Гросман и Островски биле цврсто решени да ја остварат својата идеја за филм посветен на Тјуринг, и во текот на неколку години го развиваат проектот.
Токму ова е незаменливо во работата на еден филм – сеопштата страст и посветеност на историјата.
За секој од споменатите членови на тимот, речиси судбински е важно да споделат колку исклучителен човек бил Алан Тјуринг и како со помош на неговиот генијален ум, во соработка со тимот од колеги-математичарите и криптолозите во Бленчли Парк крај Лондон, во ужасните години на Втората светска војна, успеале да ја декодираат комуникацијата меѓу германските трупи и нивната команда, и да ја наслонат вагата на победата кон сојузничките армии.
Важно е и да се спомене нехуманиот однос на конзервативната британска влада кон луѓето со хомосексуална ориентација, бидејќи неколку години по завршувањето на војната Тјуринг е осуден и по понижувачки “третман” со хормони тој става крај на својот живот. Важно е да се кажуваат и повторуваат овие факти, бидејќи официјалните изговори и постхумното помилување од британската кралица доаѓаат дури сега, повеќе од половина век по смртта на уникатниот ум, кој спасил илјадници животи во последната голема војна на човештвото.
За радост на сите – и на уметниците, и на гледачите, така посакуваното “пренесување во времето” се случува беспрекорно. Атмосферата се пресоздава соодветно, актерскиот тим демонстрира леснотија и квалитети во кои сме сигурни уште при спомнувањето на имињата.
Чувствителноста, острината на умот, необичностите на карактерот, цврстината, одлучноста, верата во исправноста – сите овие карактеристики оживуваат во главниот лик.
Режисерот, сценаристот, продуцентите и сиот креативен тим, кои го создаде овој филм се вистински среќници, бидејќи успешно ја реализираa својата идеја – да се рехабилитира една исклучителна личност во очите на човештвото и тоа на најсоодветниот начин, преку киното.