Предлог филм: Gattaca

Гатака е филм од 1997 година, со Ума Турман и Итан Хок во главните улоги.

Дејствијата во овој научно-фантастичен трилер се одвиваат во недалечната иднина, кога луѓето ќе бидат способни да манипулираат со човечките гени уште во оплодената јајце клетка и на тој начин да создадат теоретски идеални луѓе. Тоа значи дека дискриминацијата повеќе нема да биде на база на бојата на кожата, религијата или полот, туку на науката.

1382707785_gattaca_1

Во текот на целиот свој живот, Винсент (Итан Хок), природно зачнат и полн со генетски грешки, живее со помислата дека ќе умре малку по 30-та година и никогаш нема да го оствари својот сон да лета во отворен простор. Додека неговиот брат, вештачки зачнат и со подобрени гени е достоен син на својот татко и жнее успеси, Винсент останува во сенка. И кога невозможното се случува и Винсент го спасува брат му од давење, идејата за космонаутика веќе не изгледа толку невозможна.

Интересната замисла на филмот би се изгубила, ако приказните на ликовите не беа раскажани толку вешто. Играта на актерите ве вовлекува во филмот, дотолку што заборавате дека набљудувате една нереална замисла, во која тлее многу имагинација, а сепак навлегувате во конструктивна и хипотетичка научна анализа – дали човештвото навистина се обидува да се развие до ова ниво и како би изгледа светот, кога сето тоа би станало опипливо?

gattaca1

Од аспект пак на еден реален и симболичен живот, сочувствуваме со главниот херој, бидејќи сите ние некогаш сме биле потценети и сме имале сон, за кој мнозинството сметало дека е невозможен.  Од филозофски аспект, самиот филм предизвикува доста прашања кои треба да си ги поставиме пред да почнеме да експериментираме со човечкиот живот. Дали перфекцијата значи збир од идеални квалитети, или е нешто што се постигнува со работа и упорност? Дали некој може да го надмине својот потенцијал или едноставно не бил оценет правилно уште на почетокот?

Луѓето како Винсент се малкумина во денешниот свет – храбри, решителни и вредни. Ризикуваат без да размислат. Не ги штедат силите, ниту срцето. И сè поради успех, поради докажување и спротивставување на системот и перфекцијата како поим.

Додека го гледате филмот, започнувате да жалите за останатите… Бесчувствителните кукли со самодоверба на идеални суштества, што го сметаат секој успех за нивно исконско право, нешто што следува по раѓањето…

Сепак, овој филм раѓа страв, зашто годините на просперитет се секогаш кратки, а науката напредува вртоглаво и на човештвото му е потребна нова светска драма. Иднината одамна е започната, прашањето е „Кој може да застане против она што Тој (Бог) го создал криво?” Дали навистина кривото е погрешно? Добриот филм, секогаш остава за простор за визуелно уживање и размисли. Во продолжение, погледнете го трејлерот.

- Реклама -