Aко имате желба да изгледате одличен филм, што нема шанси да ви излезе од главата, тоа се дивите приказни.
Wild Tales, со оригинален наслов Relatos Salvajes опфаќа шест различни приказни кои во себе ги содржат гневот, бесот, љубовта, одмаздата…
Тие се развиваат на начин, што во ниту еден миг не се здодевни. Проткаени со црн и ироничен хумор, како и неизбежни поенти, дивите приказни го „купуваат“ вниманието, уште по првите пет минути и првата сосема необична приказна.
Она што треба да знаете е дека сите делови се засебни и немаат ништо заедничко … освен темата за губењето на контролата и одмаздата. Тоа е и основата за развојот на сите шест, кои колку што се оригинални, толку се и потресни на еден чуден и реалистичен начин.
Дали некогаш сте размислувале колку далеку може да ве однесат гневот и фрустрацијата? Можно ли е да се избезумите до крајни граници? И целосно да ја изгубите контролата над своите постапки?
Филмот има бројни награди и номинации, меѓу кои номинација за „Оскар“ за странски филм и локални аргентински награди за режисер, актер, актерка, кинематографија, монтажа, музика, оригинално сценарио, како и неколку награди на публиката.
Накратко – одличен филм кој вреди да се види! Поздрав до сите оние кои ќе се решат да одвојат време за ова ремек дело, после кое сигурно ќе искоментирате „Каква свадба!“