Почина озлогласениот убиец Чарлс Менсон

Чарлс Менсон беше предводник на култ во кој неговите следбеници извршуваа брутални убиства, обидувајќи се потоа да ги наметнат на припадници на друга раса. Тој прерасна во симбол на мрачното време од 60-тите.

Како што пренесуваат медиумите, тој последните неколку недели ги поминал во болницата Бејкерсфилд во Калифорнија. Менсон отслужуваше доживотна затворска казна откако тој, заедно со уште неколку свои следбеници, во 1969 буквално ја искасапиле актерката Шерон Тејт, тогашна сопруга на Роман Полански, која била во деветтиот месец од бременоста, а со нејзината крв на влезната врата го напишале зборот „pig“.

Во истиот настан настрадале уште четири лица кои биле во домот на Тејт, а наредниот ден богатиот брачен пар Лено и Розмери Лабјанка исто биле убиени од страна на Менсон и следбениците.

Во 1971 Чарлс Менсон бил осуден на смртна казна, која подоцна била намалена на доживотна затворска. Тој почина вчера, од природна смрт, во болницата во Керн Каунти. Во затворот помина повеќе од 40 години.

Сестрата на Шерон Тејт, Дебра, изјавила дека добила личен повик од институцијата, во кој ѝ била соопштена веста за смртта на озлогласениот убиец.

- Реклама -