По завршувањето на вториот круг, Собранието на Република Македонија ќе претрпи одредени измени, со оглед на тоа што неколку пратеници станаа градоначалници.
По првиот круг, петмина пратеници од Собранието станаа градоначалници и тоа Петре Шилегов на Град Скопје, Стефан Богоев на општина Карпош, Сашо Поцков на Гевгелија, Максим Димитриевски на Куманово и Коста Јаневски на Струмица.
На нивните места ќе дојдат нови пратеници од редовите на матичната партија.
За да бидат познати конечните измени, се чека завршувањето на вториот круг од локалните избори, во кој за градоначалничка фотелја се борат уште неколку пратеници и тоа Јохан Тарчуловски, Благој Бочварски, Курто Дудуш, Бетиан Китев, Зијадин Села и Зеќирија Ибраими. Доколку некој од нив освои градоначалнички мандат, во Собранието се отвораат места за други пратеници.
Со завршувањето на вториот круг, во зависност од резултатите, претседателот на Собранието Талат Џафери треба да свика собраниска седница на којашто ќе се констатираат завршените пратенички мандати, како и влегувањето на новите пратеници во Парламентот.