Еден месец откако ураганот „Марија“ удри во Порторико, жителите уште имаат проблеми со снабдувањето со електрична енергија, како и со чиста вода за пиење и продукти за јадење.
Ураганот „Марија“ уништи десетици илјади домови и остави многу луѓе без дом и без работа.
Штетата предизвикана од ураганот се проценува на над 85 милијарди долари, што е тешко за буџетот на Порторико бидејќи имаат надворешен долг во висина од 74 милијарди долари.
Речиси 3,4 милиони луѓе се обидуваат да го вратат својот живот во нормала по поплавите, лизгањето на земјата и недостигот на струја и вода. 80% од населението немаат струја, 30% немаат чиста вода за пиење, училиштата не работат, ниту пак уличното осветлување. Пријавени се и кражби на струјни генератори од болници и прифатни домови.
Голем дел од продавниците се отворени, но полиците се речиси празни, а жителите на Порторико се жалат дека и во овие тешки услови тие немаат доволно храна, а и тоа што го имаат се конзерви, ориз и јајца.
Засега, 5000 од евакуираните лица уште се наоѓаат во прифатните центри. Порторико иако добива помош и од други држави и странски фондации, се чини дека ништо не може да ја надомести направената штета.