Писмата на Бетовен, до неговата „бесмртна, омилена“

Една од највпечатливите љубовни приказни кои остануваат во историјата, осудени на несреќна предодреденост или случаен пропуст и разминување, е онаа на познатиот германски композитор Лудвиг Ван Бетовен (1770-1827). Кон 9-та симфонија, 5-те концерти за пијано, 32-те сонати и 16-те гудачки квартети треба да додадеме и три љубовни писма – писма кои Бетовен ги пишува на 6-ти и 7-ми јули 1812 година до својата „бесмртна омилена”.

Во тоа време тој е во познатиот град Теплице, Чешка, испратен таму од неговиот лекар, за да ги лекува високата температура и главоболка.

Која е личноста која стои зад дефиницијата “бесмртна омилена” е тема на бројни дебати и шпекулации, но независно од личната историја и страничните околности, едно е неспорно – се работи за оддадена љубов на композиторот кон жената што ја сакал. Во писмата се забележуваат  немоќта и тагата опфатена од човечкото чувство.

6 јули, понеделник, утрото

Мој ангел, мое сето, мое вистинско јас – само неколку зборови денеска и со твојот молив.  Зошто е оваа длабока тага, кога потребата зборува? Може ли нашата љубов да преживее без саможртви, без да бараме се, еден од друг; можеш ли да го промениш фактот дека не си целосно моја, јас не сум сосема твој? О, Боже, погледни ја убавината на природата и помири го духот со неизбежното. Љубовта бара сè и ова е многу фер – односно, јас да бидам со тебе и ти со мене. Но ти забораваш брзо дека јас треба да живеам и за нас двајца; ако бевме целосно заедно, и двајцата немаше да чувствуваме болка. Патувањето ми беше ужасно. Пристигнав тука вчера дури во 4 часот наутро. Поради недостаток на коњи, избраа друг пат, но, колку страшен беше тој… За претпоследниот пат бев предупреден да не патувам во текот на ноќта. Ме фати страв од шумата, но тоа само ме направи уште понестрплив – и згрешив. Кочијата се скрши, поради ужасниот пат патував без соодветна подлога. Ако двајцата кочијаши не беа со мене, јас ќе останев беспомошен на патот.  Сепак чувствувам извесно задоволство, како и секогаш кога надминувам тешкотии. А сега, брза промена од надворешното кон внатрешното. Веројатно ќе се видиме наскоро, само денес не можам да ги изразам сите размислувања за мојот живот кои ги почувствував во овие неколку дена. Ако нашите срца секогаш биле блиски, немаше да имам слични мисли. Исполнет сум со толку многу за кажување. Има моменти во кои чувствувам дека зборовите не значат ништо. Насмевка, остани мојата вистина и единствена сакана, мое сè, како јас за тебе, останатото е во рацете на боговите -тоа, што ни претстои и какво ни е пишано.

Твој верен Лудвиг

6 јули, понеделник, вечерта

Ти страдаш, омилено мое суштество. Дури сега разбирам дека писмата треба да се испраќаат многу рано, во понеделниците и четвртоците – единствените денови кога пошта се испорачува до К. (Карлсбад). Ти  страдаш. О, каде и да сум, ти си со мене, ќе направам така што ќе живееме заедно – ако не можам да живеам со тебе, што  живот е тоа! Без тебе, опкружен од секаде со човечка добрина, добрина, која не се трудам да ја заслужам и не ја заслужувам – јас страдам. Смирението на човекот кон човекот … тоа ме боли. И, кога се сметам за дел од универзумот, што сум јас и што е човекот, определен за најголем? И покрај тоа, внатре во човекот присуствува Божествениот елемент. Тагувам, кога мислам дека нема да ги добиеш првите вести од мене до сабота. Сепак те сакам, колку и ти мене, па дури и повеќе, но никогаш не се криј од мене. Добра ноќ – ќе си направам бања и треба да си легнувам. О, Боже, толку блиску! Толку далеку! Не е ли љубовта вистинско здание во рајот? Освен тоа, таа е и одржлива, колку и небесата.

Добро утро, на 7-ми јули.

Додека сум се уште во кревет, мислите ми летаат кон тебе, мојата бесмртна сакана, понекогаш радосна, друг пат повторно тажна, очекувајќи да дознаам дали судбината ќе не чуе или не. Можам да живеам или целосно со тебе, или сосема сам, затоа решив да лутам наоколу до моментот во кој можам да паднам во прегратките и да ја испратам душата во Небесното царство. За жал така е напишано. Ќе најдеш повеќе утеха, откако си свесна за мојата верност кон тебе, никој друг никогаш не може да го поседува моето срце, никогаш! О, Боже, зошто треба да сум одделен од некого, кого што го сакам толку многу … Мојот живот во В. (Виена) во моментов е беден живот. Твојата љубов ме прави истовремено најсреќниот и најнесреќниот човек.  На моја возраст на некој начин ми е потребен стабилен и мирен живот. Можно ли е тоа во нашата врска ? Ангеле, штотуку сфатив дека поштенскиот автомобил поминува секој ден – и затоа морам да завршам, за да го добиеш веднаш моето писмо – биди трпелива. Само преку мирна контемплација на нашето постоење, ние можеме да ја постигнеме целта – да живееме заедно. Биди спокојна, сакај ме,  денес, вчера… Каков исцрпувачки копнеж по тебе. Ти си мојот живот,  мое сè. Збогум. Продолжи да ме сакаш, никогаш не го потценувај вистинското срце на твојот омилен.

Л

Засекогаш твој, засекогаш моја. Засекогаш наше

- Реклама -