„Коцката е фрлена“…Постојано ја фрлам од почеток, можеби некогаш ќе се посреќи.
И не сум некој мудрец , нафрлам по некоја просечна мисла пиејќи претечено кафе и честопати барајќи суштина во битисувањето.
Конфузни размисли и патетични обиди за воздржаност…
Да се борам со своите чувства или да ги поткопам вашите по грешка?
Јас не сум херој, плачко,ниту борец… не сум реалност, ниту мистерија.
Јас сум човек без лик – странец.
Оној странец крај кој минувате секојдневно брзајќи да го фатите автобусот,
Оној молчелив странец кој вегитира, барајќи празен простор навидум сам да се исповеда,
Оној странец што се дразни на „хартија“, затоа што само таму може да ја пронајде совршеноста и да и се восхитува на недореченоста.
Зашто само таму постои простор во кој се замрзнува времето, се води битка со просечноста, се бидува она што се сака, со соочува со монструозноста на тивките лицемерни убијци на живеачката.
Затоа што живеењето и преживувањето одамна се мешаат како што младите – сакањето и посакувањето.
Голем простор, а мал чекор. Тоа сме ние талкачи, живееме од надеж, создаваме од мотив.
Живееме за да преживееме, се додека не сомелува секојдневието , минуваат годините – зошто животот не е хартија,па останува да ја балансираме рутината со потреба од насмевки.
Навлечен сум на таа дрога како на добар филм, ете наивно верувам во насмевките, па оваа конфузна прошетка низ мисли нека заврши со надеж…
…Давил…